| четврток, 6 декември 2018 |

И матичните лекари ќе добијат зголемување на капитацискиот бод

Fond za zdrastvo pres 02 (Small)

Од 1 јули 2016 година за пет денари ќе се зголеми капитацискиот бод на матичните лекари, односно од 50 на 55 денари. Со ова зголемување ќе бидат опфатени 1.085 приватни здравствени установи со вкупно 1.527 тимови. Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на заедничка прес­ конференција со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани. Тодоров потсети на вчерашното објавување на мерката со која од 1 јануари ќе се зголеми капитацијата за стоматолозите за пет денари односно од 35 на 40 денари.

-­ Последното зголемување на капитацијата во делот на матичните лекари беше во 2011 година. Вкупно со вчерашното и денешното зголемување на капитацијата на стоматолозите и матичните лекари се опфатени над 2.800 лекари – посочи Тодоров.

Нагласи дека откако е формирана мрежата на здравствени установи, доделени се вкупно 245 нови лиценци за општа медицина и дополнителни 344 места во мрежата се слободни.

Овозможивме, појасни министерот, значаен бенефит со измените на Законот за здравствена заштита со кои при доделување на лиценца за здравствени установи во кои работат избрани лекари не се спроведува постапка за доделување лиценца, односно Министерството за здравство врз основа на барање за доделување лиценца склучува договор доколку има простор во мрежата на здравствени установи. ­

-Во насока на подобрување и унапредување на статусот на матичните лекари по општа медицина со најновите измени на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура овозможуваме избраниот лекар или нововработениот лекар да може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска сестра во тимот до моментот додека не достигне бројка од 700 пациенти, но не подолго од 18 месеци, после што е должен да го комплетира тимот- рече Тодоров.

Додаде дека на овој начин прават сериозно олеснување на младите лекари да можат да почнат како матични лекари односно да се самовработат и да почнат да даваат здравствени услуги на пациентите.

Стефаноски рече дека примарната здравствена заштита е првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и има посебно значење како „капија“, за целокупното лекување и следење на здравствена состојба на пациентот.

Кај матичниот лекар, потенцира, секој осигуреник треба да добие квалитетна здравствена услуга, согледување на ризиците и рано откривање на определените заболувања што е од огромно значење за превенцијата и навременото лекување.- ­ ФЗОМ заедно со Министерството за здравство постојано ги следи услугите и го унапредува начинот на функционирање на примарната здравствена заштита со тенденција на долг рок да обезбеди поквалитетна услуга, односно подобра превентивна здравствена заштита и навремена дијагностика за подобро здравје за сите осигуреници – истакна Стефаноски.

Посочи дека сите промени кои се насочени кон подобрување на здравствената заштита и условите за работа на лекарите, без оглед од која дејност се, се прават во постојана соработка со Стоматолошката комора, Лекарската Комора и Здружението на приватни лекари на Македонија.

­ -Фондот за здравство по анализа на состојбите во примарното здравство, одлучи да го зголеми капитациониот бод за матичните лекари од 50 на 55 денари. Тоа значи дека матичните лекари ќе добијат 10 отсто зголемување за поквалитетна грижа за здравјето на пациентите. Последното покачување на капитациониот бод кај матичните лекари, е направено во 2011 година од 45 на 50 денари.­ Начинот на финансирање на примарната здравствена заштита во дејноста општа медицина, односно финансирањето на матичните лекари е по метод на капитација. Фондот за здравствено осигурување издвојува значителни средства за дејноста општа медицина и за тоа во буџетот за 2015 беа предвидени и ќе бидат исплатени 1 милијарда и 870 милиони денари. Зголемувањето од 5 денари по капитационен поен за Фондот има дополнителна фискална импликација од изнесува 188 милиони денари годишно – додаде Стефаноски.

Орхан Рамадани рече дека оваа мерка ќе значи и подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита која ќе се рефлектира и на нивните 1,768.939 осигуреници кои имаат избрано матичен лекар и оваа бројка бележи континуиран пораст од година во година. Во просек, потенцира, секој матичен лекар има 1.159 пациенти за кои Фондот исплаќа 104.367 денари. ­

-По нашата одлука, која ја верификува Управниот одбор на Фондот, и по добивање согласност од Министерот за здравство, ќе биде објавена во Службен весник на Република Македонија. ФЗОМ и понатаму продолжува да биде рамноправен партнер со здравствените установи и заеднички да работи на зајакнување на обезбедување на поквалитетно и подостапно здравство за сите осигуреници и квалитетни работни услови за здравствените работници – додаде Рамадани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top