| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија и Израел ги зацврстија одличните односи, Груевски се сретна со Нетанјаху (видео)

грујо

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Ерусалим, оствари средба со премиерот на Државата Израел, Бенјамин Нетанјаху.

На средбата двајцата соговорници ги потврдија одличните односи меѓу двете држави кои се карактеризираат со взаемно пријателство и меѓусебно разбирање.

грујо2

Потврда за одличните односи меѓу двете држави, и заложбите за нивно континуирано унапредување, се и трите документи кои денес беа потпишани од страна на двете земји.

грујо3

Премиерот Груевски и неговиот израелски колега Нетанјаху потпишаа Декларација за пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел од стратешко значење, документ кој претставува значајна основа за остварување на продлабочена соработка меѓу двете држави.

-Денеска со премиерот Нетанјаху потпишавме Декларација за пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел која е од стратешко значење, и која уште повеќе ги зацврснува билатералните односи меѓу нашите две земји. Двете земји ги врзува силно партнерство, заемна почит, одлична билатерална и мултилатерална соработка. Меѓу нас нема отворени или спорни прашања. Ние сме долгогодишни пријатели и партнери, истакна на заедничката прес-конференција премиерот Груевски.

грујо4

Вториот и третиот документ кои денеска беа потпишани се Договорот за одбегнување на двојното оданочување и Договорот за промоција и заштита на инвестициите, документи кои се во функција на интензивирање и стимулирање на економската соработка меѓу државите.

-Добрата политичка соработка сакаме да се преслика и на економски план, преку интензивирање на заедничките економски релации, и искористување на соодветните потенцијали кои ни стојат на располагање. Во таа насока денеска ги потпишавме и Договорот за одбегнување на двојно оданочување и Договорот за промоција и заштита на инвестициите, што верувам е одлична вест за бизнисмените од двете земји, изјави Груевски.

грујо5

Премиерот Груевски со својот колега Нетанјаху разговараше и за остварување на соработка во други полиња од взаемен интерес, како што се земјоделието, обновливата енергија, можностите за искористување на хидро-потенцијалот и туризмот.

Тој посочи дека македонската Влада уште пред неколку години донесе неколку мерки насочени кон негување на споменот на Евреите и заштита на еврејската култура и традиции во Македонија, меѓу кои и отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, основањето на Фондот на Холокаустот на Евреите во Република Македонија и реституцијата на имотите на депортираните Евреи без правни наследници, мерки кои укажуваат на пријателството меѓу двете држави.

грујо6

Двајцата премиери разговараа и за теми кои што се глобални предизвици, како што е борбата против тероризмот и мигрантската криза.

-Република Македонија е дел од глобалната коалиција за борба против тероризмот и придонесува во рамките на меѓународните мисии за меѓународната безбедност. Нашата отворена и верувам заедничка заложба останува обезбедување на поголем регионален и светски мир и стабилност, истакна премиерот Груевски.

грујо7

Во однос на мигрантската криза, премиерот Груевски истакна дека Република Македонија е дел од европскиот коридор за транзит на мигранти, и во таа насока како држава учествува во обезбедувањето на хуман третман кон мигрантите во исто време гарантирајќи безбедност и сигурност на нашите граѓани. Тој истакна дека за надминување на овие предизвици е потребен координиран пристап на меѓународната заедница и побрза и поодлучна акција која треба да се преземе во соработка со европски партнери и пријатели.

Премиерот на Државата Израел, Нетанјаху истакна дека двете држави имаат заедничко пријателство кое треба да се искористи за понатамошно продлабочување на соработката во повеќе полиња.

-Постои традиционално пријателство помеѓу нашите две држави. Има многу области каде можеме да работиме, енергетиката, земјоделието, науката, образованието, технологијата, и областа на одбраната како и заедничка борба против тероризмот. Ние го цениме ова пријателство и ова партнерство, изјави премиерот на Израел Нетанјаху на заедничката прес-конференција.

грујо8

Тој додаде дека постои и потенцијал во економијата кој исто така треба да биде соодветно искористен, и дека Државата Израел ќе остане поддржувач и пријател на Република Македонија.

Двајцата премиери изразија цврсто уверување дека и во иднина традиционално пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се интензивираат во сите области од взаемен интерес, вклучително и во економијата како област со огромен потенцијал. Премиерот Груевски го покани својот колега Нетанјаху да ја посети Република Македонија.

грујо9

Премиерот Груевски согласно традициите и воспоставените практики на Државата Израел при ваквите официјални посети, оствари средба и со лидерот на израелската опозиција, Исак Херцог. На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми и области кои би можеле да бидат од заеднички интерес за пријателството меѓу двете држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top