| четврток, 6 декември 2018 |

Германскиот Уставен суд ќе решава за забрана на политичка партија

1024px-Dresden_demo_2На екстремистичката десничарска Национална демократска партија на Германија и се заканува бришење од регистарот на политички партии откако германскиот федерален уставен суд донесе одлука за покренување инцијатива за забрана.

Партијата, која што во Германија е позната како „нацистичка“, во март идната година ќе учествува на три сослушувања побарани од „Федералниот совет“ – Бундесрат, горен дом на германскиот парламент составен од претставници на 16 германски федерални единици.

За разлика од 2003 година кога партијата преживеа слична иницијатива сега состојбата е поинаква, има големи шански НПД да замине во историјата. Сослушувањата ќе ги води првиот човек на Уставниот суд на Германија, а германската Влада и долниот дом на Парламентот веќе се изјаснија за забрана на партијата.

Пред 12 години единствената причина зошто партијата продолжи да функционира беше информацијата за уфрлен агент на германската тајна служба во раководството на НПД, за кој Уставниот суд не можеше да утврди колку влијаел на иницирање на незаконски акции на десничарската група.

Поучен од тој случај сега Уставниот суд, иако службите изјавија дека нема операции против партијата, побарал доказите кои што евентуално биле собрани од страна на прикриени агенти да бидат отстранети од процесот.

Поддршка за иницијативата за забрана на НПД доаѓа и од другите партии, Еврејската заедница, и други фактори кои што обвинуваат дека партијата шири антисемитизам и ксенофобија. Во барањето на Бундесратот напишано на 270 страници НПД се обвинува дека нејзините лидери барале укинување на системот што е спротивно на членот 21 од Уставот кој забранува користење на насилство за уништување на демократијата.

Во модерната историја на Германија укинувањето на НПД може да биде трет случај на забрана за функцонирање на партија. Во 1952 година забранета е Социјалистчката партија на Рајхот, а потоа во 1956 и Комунистичката партија на Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top