Три лица од Гостивар се повредени синоќа во тепачка во која е употребен нож. Двајца завршиле на скопските клиники со расеченици, а еден е полесно повреден.
Според СВР Тетово, околу 21 часот на улицата „Ленинградска“ дошло до физичка пресметка на повеќе помлади лица. На тепачката и претходела куса расправија меѓу гостиварците М.Б. (23) и Ф.Ф. (30) од една страна и Л.Ј. (21) од друга. Дваесет и едногодишникoт со нож, кој наводно го извадил Ф.Ф., им нанел расеченици на другите двајца, на едниот во вратот, а на другиот во десната надлактица. Во неутврдени околности уште едно лице е полесно повредено, веројатно со скршено шише.
Повредените биле згрижени во гостиварската болница, по што се препратени на скопските клиники и се надвор од животна опасност.
Осомничениот за ранувањето на двајцата гостиварци е приведен и по расветлување на поединостите ќе се соочи со соодветна пријава, а во текот на денот ќе биде изведен и пред судија во претходна постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.