
Француската полиција при претрес на џамија во близина на Париз откри и конфискува муниција со калибар 7,62 милиметри за автоматски пушки „Калашников“ и пропагандни видео-снимки на исламска група.
Претресот бил извршен во џамија во градот Лани сир Марн, кој се наоѓа 30 километри источно од Париз. Џамијата била посетувана од салафити.
Пиштол и документи за џихадот биле откриени и во домовите на раководителите на џамијата.
Полициската акција завршила со наредби за напуштање на реонот за 22 лица, а на деветмина им е изречен домашен притвор.
Џамијата има и училиште за изучување на Куранот, од каде што се конфискувани педагошки материјали, меѓу кои и текстови на религиозни песни во слава на мачениците на џихадот, поврзани со ИД.
Претресите во објектите во Лани сир Марн биле извршени на 2 и на 3 декември. Џамијата во Лани сир Марн е третта затворена џамија во Франција по нападите во Париз од 13 ноември, при што загинаа 130 луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


