Танец успеа да се издигне и да си го врати пиедесталот, да не биде на исто ниво со културно уметничките друштва, туку вистински репрезент на душата на Македонија, симбол на културата и уметноста, своевиден амбасадор на богатата македонска традиција и дома и надвор. Последниот период многу повеќе сте посветени на работата низ Македонија.
-Јас постојано велам, Танец годинава прослави 65 години од основањето, претходно имаше небулози од кога и како почнал, но сега тоа е наведено во нашата монографија која е достапна за сите, ја има во продажба. ОД 1949-тата година кога Танец е прогласен за државен Ансамбл на народни игри и песни, до денеска се трудиме да го оправдаме тоа.
Посветен сум максимално кон тоа, бидејќи не е играчка, не е во прашање некое мало друштво, туку 6 и половина децении нешто што опстојувало и не смееме да си играме со тоа. Најлошо е кога си играме со традицијата со нешто што е оставено во аманет, а ние го уништуваме, тоа е најголемата трагедија. Младите генерации треба да ги научиме дека тоа е најсветото нешто што не оддржува, најсветото битие, тоа што сме ние.
Танец е своевидна подвижна енциклопедија на македонската култура , тука е традицијата, уникатните носии, македонскиот јазик, дијалектите, мелосот и ритамот македонски. Како успевате да го сочувате, колкава е таа машинерија наречена Ансамбл Танец.
-Машинеријата е огромна. Ако зборуваме бројчано, моментно сме 88 вработени, мора да се пофалиме со една бројка бидејќи таа во 2011 година беше пола од тоа. Сега се 35-6 луѓе вработени, Ансамблот е зголемен, на што сме горди. Но не е само тој сегмент кој го споменав денеска, зборуваме за машинерија која наназад 65 години тоа го прави- зборуваме за кореографи, текстописци, музичари, играорци, пејачи и други. Голем дел од тие легенди оставија и трага како Ѓорги Димчевски, кој долги години го водеше оркестарот, потоа плејада пејачи кои од тука излегоа, на пример еден одличен тапанџија и одличен вокал Алексадар Сариевски, потоа Јонче Христовски и ред други да не испуштам некого, потоа кореографи како Коларовски, Дојчин Матевски, и ред други, тоа се луѓе кои што служат за пример за тоа како треба натаму да ја тераме работата. Ние сега само ја тераме работата која тие ја започнале.
Ние правиме и нови кореографии. Мораме да го следиме и новото време. Младите се навикнати традицијата да ја сакаат и гледаат , но ако им оставиме 15-20 минути на сцена да гледаат некој обред традициски, тоа може да биде малку досадно, сега малку да не бидам груб, можеби некој ќе ме искритикува за ова, но јас сум ги прашал помладите, затоа и тоа го правам, да се внесе динамика во новите кореографии. И од постарите кореографии, за кои што не велам дека немаат динамика, да го извадиме најдоброто и го ставаме на сцената.
Освен што го ставате на сцената, го пакувате и во вашите архиви, па издавате свои ДВД и ЦД, музички и видео изданија, што е новина во работењето на Танец.
-Во мојата програма уште од 2011 година побарав еден фонд на пари за рекламен материјал. Ако во одредено време за некое луксузно издание се давала некоја сума пари, сега за истата сума вадиме пет изданија. Не мора да е луксузно, но да е достапно, да го подариме, да го има секој. Бидејќи во продажба го нема. Знаете, нашите концерти ги снима МРТ која што ни е и ексклузивен медиумски покровител. И процедура е, треба да се издаваат, продаваат.. Ние направивме едно идание во соработка со „Југотон рекордс“ кое што се продава, за да може да го купат и луѓе „од надвор“. Но тие изданија кои што ги имаме, секој кој што доаѓа кај нас да го посети Танец и нашите простории, добива од тие изданија.
Имаме и професионална камера, која што ја добивме како донација од Владата, ги снимаме нашите концерти за нашите архиви и дел од тие снимки, заедно со снимките од МРТ ги монтираме и ги пласираме како репрезентативен материјал. Тоа е една убава новина. Мислам дека тие снимки се најдоа и на Јутуб каналите. Некои реагираа за тоа, но јас велам „Ако“. Нека ги има, тоа е семе кое што треба да го посееме, нека ги гледаат сите. Лошо не може да има ништо од тоа.
Ги споменав уникатните носии. Имате носии во Танец од секој регион за секој „адет“, но како се снаоѓате за нив, дали се тоа оригинали, дали се копии, ги шиете ли, како ги оддржувате?
-Ние имаме и оригинални носии кои се стари и по еден век и тие особено се чуваат. Бевме во Загреб и таму ја посетивме „Изнајмувачницата“ на носии. Интересно е што во Хрватска, нивните друштва немаат специјални носии туку од таму ги земаат. Имаат посебни простории за пеглање и оддржување. От таму „украдов“ еден мал дел како ние да ги одржуваме нашите, со посебна влага, простории, и така натаму. И веќе четири години ги чуваме носиите на тој начин. Имаме и систем, се надевам, во преговори сме со Министерството за култура, тоа е малку поскап проект, за заштита и на носиите и делот што го имаме во спомен собата.
Околу носиите, имаме жена која што е вработена веќе две- три децении, Лилјана, која што се грижи за нив, кога треба да се однесат на специјално чистење, хемиско, за да не се оштетат. Има делови, како кошулите, тие се оштетуваат, па тие се шијат. Имаме и наша шивална, со една вработена како кројач и одржувач, ако нешто се скине да поправи. Но, оригиналите се чуваат како најголемо богатство. Имаме и накит од прва категорија кој се чува во посебен сеф.
Кои настапи ви се по драги, настапите во Македонија или во странство?
-Точно е дека дома ми се подраги настапите, затоа што Танец е Ансамбл на Република Македонија и треба да го видат сите. Со текот на годините, со технологијата, со социјалните мрежи малку позабрзано живееме, ако порано на некој млад човек му требало подолг време да осознае, сега тоа се одвива многу брзо. Така што ние мора да бидеме присутни во Македонија, за да дознаат младите генерации и да ја тргнат онаа придавка, секоја чест на сите КУД кои чесно си работат, но не би сакал ние да ја имаме таа придавка КУД, ние сме Национален Ансамбл на Република Македонија. Тоа е за споредба, сите КУД-ови се како спортски клубови кои што работат во мали лиги и кои што мечтаат да играат како репрезентација.
Соработувате и со ансамблите од другите држави. Низ регионот имате и концерти, па како таму сте прифатени. Односно, дали на концертите доаѓаат претежно Македонците кои живеат во регионот или интересот е поголем кај домаќините?
-Јас ги зачестив тие соработки, затоа што луѓето ни се блиски. Наметнав еден поинаков начин на работа, сакам Танец да го претставиме надвор пред странската публика. Не да биде дека дошле некои и изиграле нешто. Знаете друштвата имаат куси настапи. Ние имаме настапи од по 90 минути, некогаш и повеќе, со бисови. И странците се воодушевени. Ете како во Рига кога бевме, каде за прв пат стапна нашиот фолклор.
Танец, заедно со Коло и Ладо, ансамблите од Србија и од Хрватска, беа трите национални ансамбли од СФРЈ. Меѓутоа секаде каде што Танец ќе се појавеше важеше старата „немој ни да играш, ни да свириш, ни да пееш“. Има посебна магија, до ден денеска е сето тоа. Ние ги почитуваме нив, но кога ќе одиме таму, и луѓето на социјалните мрежи не следат велат, „Да, и Коло и Ладо, но Танец е Танец“. Со Бугарија сега воспоставивме контакт, имавме заеднички концерт со нив пред две години во Софија со „Филип Кутев“, националниот ансамбл. Ние сега ги поканивме преку директорката да бидат наши гости на нашиот концерт на 24 декември. Тоа е нашиот завршен, новогодишен концерт. Ги поканивме и „Коло“ и „Ладо“, се надевам дека ќе дојдат, тогаш е католичкиот Божик.
Ние соработуваме со Македонската опера и балет, немаме сопствена сала, но имаме одлична соработка и со МНТ и со МОБ.
„Коло“ има нов директор но тоа не значи дека соработката ќе прекине и ќе чекаме, јас два пати бев во Белград, директорот беше тука и се договоривме веќе на трети декември во Белград ќе имаме заеднички концерт.
–Ги споменавте соработките во регионот, Србија, Хрватска, Бугарија, какви се искуствата од посетите со Грција, ако се земат предвид политичките состојби, но и односот кон македонското малцинство таму?
-Не сум бил одамна, свирев за Денот на независноста две години по ред, тогашниот амбасадор Љупчо Арсовски ме покани заедно со еден мој колега, по што со години не бев отишол во Грција. Не сакам некој да ми кажува дека не сум тоа што сум.
Морам да споменам, лани бев за прв пат, „Танец“ бил претходно пред пет- шест години, во егејскиот дел. Бевме во Цармариново, на 40-50 километри до Солун. Бев со страв малку, со пратња не донесоа испратија. Но, тоа вечерта што го видов, луѓето кои што дојдоа да ни пружат рака, голем дел од младите кои што дојдоа, јас мислев дека се од тука, македонски зборат, деца по 13- 14 години. „Господин Џорлев, да се сликаме, ви ги гледаме емисиите на Јутјуб..“. Ги прашав од каде се. „Од туека сме“, ми кажуваат од ваму, таму.. Па кога се распеаја песни, песни кои јас во Македонија не сум ги слушнал со години.
Зборуваме за млада генерација, кога зборувам и сега се наежувам. Цел месец бев под една таква импресија, зар е можно? Истото се случи оваа година, кога бевме во Неред. Имавме концерт, на стадион под селото Неред. Дојдоа многу Македонци, дојдоа наши кои живеат во Канада, Австралија итн. Но и голем дел од населението од Егејска Македонија. И пак се пееја песни, пак беа голем дел од децата кои ги видов лани. Имаат нивно КУД, настапија со македонски песни, македонски ора.
Убаво е да се размислува, белким ќе се случи она, не мора да викаме „Ќе го вратиме Солун“, или друго, да не ме разбере некој погрешно, ние само можеме да си ја вратиме културата, луѓето наши кои живеат таму, кои што мечтаат да бидат дел од оваа Македонија наша која ја имаме. Тоа им се познава во очите, работам со луѓе со децении, кога ќе им ја видите тагата о очите кога зборуваат „Оваа песна да ја испееме, ова да се направи..“, тоа човек може само да го почувствува.
Тоа вас само ве инсприра да продолжите и да се вложите во Танец и тоа што тој значи и дома и надвор каде живеат Македонци. Лично бевте познат по телевизиски проекти насочени кон зачувување на музиката, враќање на музиката, давање на еден модерен „шмек“. Но ве „снема“. Има ли нешто ново, подготвувате ли, вон „Танец“?
-Некој ќе рече „леле каква функција“, но „Танец“ не е функција, голема одговорност е! Јас не ја земав за да имам некаква функција, јас функцијата ја имав како Зоран Џорлев, кој како сака нека гледа на тоа. Јас со тоа немам проблем, имам проблем како да се решат некои работи кои не засегаат сите нас кога е во прашање македонската народна песна. Јас растев со еден човек- борец кој цел живот се посвети на македонската народна музика и песна, Наско Џорлев. Многу ми беше криво што кога започнав да го работам овој проект, тој беше голем оптимист, но не го фати ова поубавото време. Кој што сака нека каже, но ова е поубавото време затоа што не смееше да се пеат македонски песни, патриотско да се запее нешто постојано ќе беше оквалификувано.
Но, и кога го почнав „Зајди Зајди“ проектот и тогаш имаше многу скептици, дали некој ќе го гледа. Но јас работејќи со татко ми дома со децении на назад, со македонската музика, па и редица фестивали со години на назад, 18 години бев во народниот оркестар во МРТ (како хонорарец), така што знам што е суштината и што недостасуваше да се направи.
Но, ме „снема“ затоа што „Танец“ беше голема одговорност. Кога се растрија оркестрите во МРТ, „Танец“ остана како единствен да ги спасува „боите“ на фолклорот. Ми беше предизвик да го направам тоа. Се радувам што ете овие четири години не ги „загубив“ , лично зборувам, мојата кариера и моите работи, проектите, ги ставив на страна, за да може рејтингот на „Танец“ да се крене што повеќе. Сега можам помирно да дишам и да се нафатам па, конкурирав, ќе имам нов ТВ проект на МТВ наскоро. Се надевам ќе биде многу интересен затоа што сите се бориме со зборови против шундот, но тој навлезе затоа што нашите врати се отворени. Сега ние полека треба да си го вратиме просторот со такви проекти. А никој не ни брани тоа да го правиме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)