Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа изјави дека ќе поднесе оставка на функцијата, доколку се докажат обвинувањата дека Турција купува нафта од џихадистичката група „Исламска држава“ (ИД).
– Ви кажувам сосема отворено. Ако се докажат таквите тврдења, нема да останам на функцијата – изјави Ердоган во Париз, каде што учествуваше на почетокот на Конференцијата за климатските промени (КОП21).
Ердоган притоа праша дали и рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да поднесе оставка, ако се докаже дека Турција не купувала нафта од ИД.
– Го прашувам уважениот Путин дали тој ќе остане на функцијата – додаде Ердоган.
Ваквата изјава на Ердоган претставува реакција на тврдење на повеќе руски официјални претставници дека Турција на црниот пазар купува нафта по потекло од деловите на Ирак и на Сирија кои се под контрола на ИД, со што директно ги финансира терористите.
– Сите знаат од кого ние купуваме нафта. Американското Министерство за финансии соопшти дека меѓу оние што купуваат нафта од ИД е и државјанин на Сирија и на Русија. Путин прво нека одговори на тоа – додаде Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека Анкара не очекува прекин на односите со Москва, додавајќи дека Турција е „благородна држава, која дејствува трпеливо“.
– Ќе видиме прво што ќе направат тие, па дури тогаш ќе дејствуваме – истакна Ердоган.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.