Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со Ламберто Заниер, генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Соговорниците дадоа позитивна оценка за соработката на Република Македонија и ОБСЕ во сите сфери од взаемен интерес.
Премиерот Груевски истакна благодарност за придонесот и поддршката која ОБСЕ ја овозможува на нашата земја во спроведувањето на реформите во сите општествени сфери. Тој го информираше својот соговорник за посветеноста на Владата кон спроведувањето на реформи кои значат унапредување на стандардите во сите потребни области.
Двете страни ја истакнаа значајноста од реализација на сите предвидени точки во договорот од јуни/јули, при што беше акцентирана значајноста на формирањето на Државната изборна комисија согласно политичкиот договор.
Соговорниците разговараа за спроведувањето на изборниот процес. Премиерот Груевски истакна дека Владата е фокусирана на реализација на сите потребни чекори кои ќе водат кон организација и спроведување на фер и демократски избори. Генералниот секретар Заниер ја истакна подготвеноста на ОБСЕ во поддршка на изборниот процес во полињата кои се надлежност на организацијата.
На средбата стана збор и за состојбите и ефектите од бегалската криза. Премиерот Груевски ја образложи позицијата на Република Македонија во поглед на оваа тема, која е условена и од одлуките на останатите земји кои се наоѓаат на бегалската рута, и е заснована на правото и должноста на Република Македонија да презема чекори кои се во интерес на обезбедување на регистрација и хуман третман на бегалците и во интерес на државните интереси.
Генералниот секретар Заниер истакна дека ОБСЕ може да даде организациона и техничка помош на нашата земја во менаџирањето на бегалската криза. Беше истакнато дека за надминување на предизвиците од оваа криза е потребен координиран и заеднички пристап на меѓународната заедница.
Стана збор и за работата на специјалното обвинителство и законските решенија кои ја регулираат медиумската сфера.
Премиерот Груевски и генералниот секретар на ОБСЕ Заниер истакнаа дека соработката помеѓу двете страни во полињата од заеднички интерес ќе продолжи и понатаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.