Продолжува вербалната битка меѓу Анкара и Москва, иницирана од соборувањето на рускиот воен авион Су-24.
Денеска шефот на владата на најголемата држава во светот, Дмитриј Медведев, ја коментираше позицијата на турскиот колега Ахмет Давутоглу како чудна.
Лидерот на органот на извршната власт во Анкара, го повтори ставот на претседателот на Турција, Реџеп Ердоган, дека неговата земја нема да се извини поради урнатиот руски воен авион и поради смртта на двајцата војници на 24 ноември 2015 година.
Давутоглу, исто така, на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека заштитата на суверенитетот на неговата земја е должност и право на турската војска.
Шефот на Северноатлантскиот сојуз од своја страна истакна дека Турција има право да го брани својот воздушен простор.
Во исто време, поранешниот норвешки премиер ја повика земјата да започне дијалог со Москва. Столтенберг упати апел кон Русија да почне да игра конструктивна улога во Сирија.
– Исламска држава (ИД) е наш заеднички непријател – посочи шефот на НАТО.
Денес од Кремљ уште еднаш истакнаа дека рускиот претседател Владимир Путин нема да се сретне со турскиот колега Реџеп Ердоган на маргините на форумот во Париз, посветен на заштитата на животната средина.
Од Москва, сепак, не ја исклучија можноста Путин да се сретне со американскиот претседател Барак Обама.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.