По десет години заврши импресивното владеење во рингот на фантастичниот украински боксер Владимир Кличко. Тој вечерва во „Есприт Арена“ во Диселдорф пред 65.000 гледачи загуби од ирскиот боксер Тајсон Фјури по долги 12 рунди на поени (115-112, 115-112, 116-111) со едногласна одлука на сите тројца судии. Фјури го одржа зборот и ветувањето пред мечот дека ќе го победи и понижи Кличко.
Со тоа Ирецот ги презема титулите во ИБФ, ВБА, ВБО и ИБО верзиите и стана светски првак.
Фјури доминираше во текот на целиот меч и се до осмата рунда имаше голема предност во рингот. Долгите раце кои ги има не му дозволија на Кличко да влезе во блиска борба и со серија на леви директи го држеше на дистанца Украинецот.
Ако сакаше да дојде до победата, на Кличко му остана само да стигне до нокаут над противникот, но тоа не се случи и сосема заслужено загуби.
Оваа боксерска борба беше вредна 45 милиони евра. Владимир Кличко ќе добие 22,5 милиони евра, додека новиот шампион Тајсон Фјури ќе мора да се задоволи со 7,5 милиони евра. Но, неговото време допрва доаѓа бидејќи има само 27 години.
Кличко секако нема лесно да се предаде и иако е на крајот од кариерата со своите 39 години, веднаш ќе се обиде да закаже реванш и со титула се прости од боксот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.