Македонскиот шампион ЖРК Вардар в сабота против Хипо го игра последниот натпревар од првата фаза по групи во Лигата на шампионите. Иако сè е решено кои три екипи ќе бидат патници во следната рунда, вардарки најавија дека нема отпуштање пред натпреварот со аутсајдерот и секако тоа е дополнителен мотив за уште една убедлива победа. Тренерот на екипата Индира Кастратовиќ најави дека тоа е меч кој ќе се искористи за дополнително воигрување на тимот и шанса ќе добијат сите ракометарки кои ќе бидат во составот.
– Секој натпревар си има своја тежина. Никако не може да се каже дека натпреварот против Хипо може да биде релаксиран. Секако мора да се одигра на најисоко ниво со цел да се оствари уште една победа, која и те како ќе значи за нашиот состав. Цела недела се трудиме да тренираме под тензија, како да треба да играме против најсилниот тим во Европа. Последниот натпревар во групата ќе послужи за воигрување на целата екипа и секако можност да се испробааат и нови варијанти. Сите ракометрки ќе добијат минутажа – изјави Индира Кастратовиќ на прес-конферецијата пред натпреварот.
Единствената ракометрка што нема да биде во можност да игра на овој меч против Хипо е Сања Дамњановиќ која заработи повреда на претходниот натпревар со Ѓер. Сепак повредата не е сериозна, но Индира потенцираше дека нема да има потреба дополнително да се става на ризик самата ракометрка, па затоа ќе добие поштеда.
– – Дамњановиќ уште не тренира со нас, таа има посебен третман. Нема да игра во сабота, не е момент да се ризикува, меѓутоа не е ништо страшно – дополни Кастратовиќ.
Една од најдобрите поединки во составот на Вардар, Французинката Сираба Дембеле истакна дека екипата е добро подготвена и секако посакува нова убедлива победа против Хипо.
– Секако дека мора да одиграме натпревар за победа, сигурна сум дека ќе прикажеме добар ракомет. По овој меч ќе одиме со нашите национални тимови, па сакаме со победа да го завршиме овој дел од сезоната – рече Дембеле.
Натпреварот се игра в сабота со почеток од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“. Управата на клубот ги повикува сите симпатизери да присуствуваат на овој меч и да прослават уште една победа заедно во вардарки. Овој натпревар нема да биде од никакво резултатско значење бидејќи Вардар во следната рунда ќе пренесе четири бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.