Циклусот романи „Балканска сага“ од Луан Старова во 10 тома деновиве се појави во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје. Овој творечки и издавачки подвиг од 3000 страници на читателите им ги доближува најзначајните романескни остварувања на Луан Старова: „Татковите книги“, „Времето на козите“, „Балкански клуч“, „Атеистички музеј“, „Патот на јагулите“, „Ервехе“, „Тврдина од пепел“, „Љубовта на генералот“, „Амбасади“ и „Потрага по Елен Лејбовиц“. Уредник на едицијата е Веле Смилевски, а автори на толкувачките текстови на делата на Старова се познати имиња од македонската и светската книжевна сцена, меѓу кои: Матеја Матевски, Едгар Морен, Георги Старделов, Леон Сомвил, Гане Тодоровски, Катица Ќулавкова, Ристо Лазаров, Предраг Матвеевиќ, Морис Друон, Јелена Лужина и Елизабета Шелева.
Циклусот „Балканска сага“ во 10 тома е критичко и дополнето издание на романите на Луан Старова кои сега за прв пат под заеднички наслов се појавуваат во интегрален вид. Делата презентирани во оваа едиција со успех се објавувани на дваесетина јазици во светот. Во Македонија романите на Луан Старова се наградени со врвни книжевни признанија, меѓу кои: наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра прозна книга, „Рациново признание“, „Климент Охридски“, „Велја кутија“ и Роман на годината на „Утрински весник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.