| четврток, 6 декември 2018 |

Петре Прличко – „Жив“ и по дваесет години од неговата смрт

petre

Дваесет години без него… Трагата што ја остави Петре Прличко, тој маг, тој волшебник на актерската уметност, по многу свои белези и одлики е исклучителна. Тоа се должи на неговиот несекојдневен и раскошен талент, но и по многу други елементи што го овозможија неговиот расцут во едно крајно непогодно време, зашто Петре Прличко дебитира на штиците што живот значат во 1923 година, а остана витален и активен речиси до крајот на својот бурен и пренапнат живот. Постојано беше опкружен со почит и внимание, со нескриена љубов и заслужено признание на генерации и генерации гледачи. Во ова наше сѐ побогато актерско соѕвездие блескаат многу светли ѕвезди, но, сепак, ѕвездата што го персонифицира неколкудеценискиот актерски ангажман на Прличко е само една, а неа ја одликува посебен сјај, таа е лесно препознатлива…
petre prlicko

Имаше голема љубов кон актерството. Дисциплина, професионалност… Театарот му беше храм, светилиште… Беше роден на 13 март 1907 година, а светот го напушти во 1995 година, на 16 ноември.
petre prlicko

Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши актери. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: АВНОЈ, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, Орден за заслуга….

Во една пригода Петре Прличко изјави дека, сепак, ако мора да избере една улога како најдрага, тоа, секако, ќе биде Манданата, т.е. неговиот лик во филмот „Мис Стон“, за која ја доби и наградата „Златна арена“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top