| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Денес е историски ден за македонскиот железнички транспорт

гру
На скопската железничка станица денеска беше пуштен во употреба новиот модерен eлектромоторен воз, кој е еден од најмодерените во Европа.

На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, вицепремиерот на Република Македонија и министер за финансии, Зоран Ставрески, претставници на ЦРС и на МЖ Транспорт.

-Денес е историски ден за македонскиот железнички транспорт. Помината е цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Жално е што ниту една влада не се сетила на македонски железници, на македонските патници и станици, а од друга страна горди сме што стартуваме со крупни проекти кои севкупно ќе го подобрат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија. На почетокот од оваа година ги пуштивме во употреба 150 нови транспортни вагони, инвестиција вредна 13,2 милиони евра. Ќе пристигнат уште пет нови возови, капитална инвестиција од околу 25 милиони евра, изјави премиерот Груевски.

voz6

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, истакна дека ова е еден од најсовремените возови, направен целосно според стандардите на Европската Унија.

-Денеска ја испишувам историјата во Македонски железници. Децении и децении наназад чекавме кога по нашите пруги ќе возат модерни возови, што ги забележуваме во развиените земји. Од денеска македонските пруги ќе возат нови возови. Она што го ветивме пред граѓаните, го остваруваме, потенцираше Мисајловски.

Првиот од шесте набавени за потребите на патничкиот транспорт во Република Македонија, а целата инвестиција чини 25 милиони евра.

Мисајловски истакна дека вториот воз ќе се испорача до крајот на оваа година, а останатите четири во првиот квартал од идната година.

voz7

Возот има капацитет за околу 200 патници и е еден од најсовремените возови не само во Македонија, туку во цела Европа, направен согласно сите стандарди во Европската Унија.

Вицепремиерот на Република Македонија и министер за финансии, Зоран Ставрески, потенцираше дека новиот и модерен воз од денеска па натаму ќе овозможи да се модернизира возниот парк и Македонија да добие модерни возови кои во секој стандард потсетуваат по она што го гледаме во Европа и европските земји.

-Купувањето на овој воз е резултат на една крупна одлука што како Влада ја донесовме во 2012 година за започнување на голем инвестициски циклус во железницата кој вреди повеќе од 600 милиони евра и вклучува купување на нови возови и вагони, изградба на нови и реконструкција на постоечките пруги, рехабилитација и надградба на железничките станици и реновирање на халите за одржување на возовите, изјави Ставрески.

Завршува и самата модернизација на железничката станица во Скопје, инвестиција вредна 2,6 милиони евра од ЕУ и Буџетот на Република Македонија, а како што потсети министерот за транспорт и врски, во исто време се реконструираат уште 10 станици долж Коридорот 10, инвестиција од над 2 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top