Крвавиот масакр што вчера се случи во Париз е едно од сценаријата кои со месеци наназад ги разработуваа западните и дел од балканските безбедносни служби. За овие сценарија пишуваше неделникот Република уште во септември во анализата под наслов „ИСИС пристигна среде најголемиот хаос во Европа“. Што предупреди Република во 159. број прочитајте во продолжение:
Неколкумесечните најави на пропагандните единици на Исламскиот Калифат како политичка организација која што стои зад вооружената организација Исламска држава (ИСИС) почнаа да стануваат реалност. Во Германија во градот Штудгарт за прв пат во бегалски центар е уапсен член на ИСИС кој што се барал со меѓународна потерница поради врбување на мади исламисти и нивно испраќање во Сирија и Ирак. Опасноста е јасна и присутна. За можните терористички напади во Европа веќе не се зборува во идно време.
Едно од сценаријата кое што со месеци го разработуваат западните но и дел од Балканските безбедносни служби е можноста од масовни напади на фрекфентни локации во низа главни градови на членки на ЕУ. Причини да се размисува за најлошите сценарија има повеќе од доволно. Нападот на канцеларијата на сатиричниот магазин Шарли Ебдо, инцидентот во возот што сообраќа на релација Брисел – Амстердам и информациите дека секој педесетти бегалец од Сирија е потенцијален терорист и прикриен член на ИСИС ја става Европа пред свршен чин. Континентот е без одбрана од налудничавите идеи на исламистите кои што сечат глави, палат живи луѓе и уриваат со векови стари споменици на култура само затоа што нивното толкување на куранот вели дека чекорат по исправен пат, пат послан со крвави траги од недолжни мажи жени и деца. Особено што за добро обучен терорист доволен е и кујнски нож за да предизвика масакр и општа паника. Eвропската прагматика, рационализација и логика во овој случај е немоќна. Невозможно е да се борите со луѓе кои што вистински веруваат дека Господ ќе ги награди за убиство на стотици невини жртви. Кои што не само што не се виновни за ништо туку најчесто воопшто не знаат кои се разликите меѓу Шиити, Алавити или Сунити ниту пак имаат информации за тоа кои се египетските Копти или сириските Језиди.
Како да се борите со луѓе кои што веруваат дека во пеколот за своите крвави пирови ве чекаат 40 девици и вечен живот во благосостојба која во животот најчесто не ја не помирисале?
Според сценариото споменато на почетокот на текстот (доколку навистина се оствари) западната цивилизација со се САД иако засега Америка е надвор од опасноста со која се соочува Европа ќе го има најголемиот предизвик од победата над фашизмот во втората светска војна. Главниот проблем во ова сценарио нема да бидат оперативните мерки на европските полиции и фаќањето на евентуалните напаѓачи туку како да се спречат европските граѓани особено оние кои што се симпатизери и членови на радикални партии и движења со својот одговор да предизвикаат уште поголем хаос.
Зголемениот број на пратеници на крајно десничарски партии во Европскиот парламент не покажува само на зголемениот негативен сентимент кон странците и нехристијаните од страна на се поброен дел од европските граѓани. Се поголемата популарност на радикалните движења во Европа значи дека во состојба на радикализација на односите меѓу христијаните и муслиманите во Европа може да дојде до интервенција на екстремни групи или поединци кои што во име на христијанска европа ќе се обидат да го одбранат континентот при што во знак на одмазда би напаѓале припадници на исламската религија.
Сценариото е многу едноставно и него го знаат сите и ЕУ и НАТО но и лидерите на Исламската држава на кои им е потребна верска радикализација на односите во Европа за да покаже дека муслиманите се секогаш жртви на христијаните. Активирање на неколку експлизивни направи во метроа, автобуси или плоштади во Европски градови не само што ќе го урне целосно сонот за Европа без граници и безбеден континент туку ќе внесе огромен немир и желба за реваншизам кај европските радикали. Исламската држава ќе стори се што може да ги предизвика унгарските, германските, словачките, балканските или полските радикали од сите бои да почнат напади на „се што не е христијанско“ што и не е многу тешка мисија ако се знае дека само во Германија и без терористички напади од страна на исламски екстремисти во последниве 6 месеци имало над 150 напади врз центри за бегалци и азилантски центри во кои се сместени 99 % муслимани.
Потенцијалот на „Неорганизирана Европа“ да ги игнорира повиците на легитимните институции за воздржаност и да возврати на терористички акции е огромна. Во таква ситуација која што веќе не е само малку веројатно сценарио Европа ќе се соочи со сцени какви што немало од протерувањето на Евреите во средниот век , од крстоносните походи и од обидот на Хитлер да завладее со светот.
Фактот што во Европа и без половината милион бегалци што годинава пристигнале од Сирија, Авганистан и Ирак живеат речиси 120 милиони муслимани укажува дека било каков конфликт и напад од една група нема да биде премолчен од другата страна. Без Турција во Европа во 2010 година живееле околу 45 милиони муслимани што било околу 6 % од населнието а во членките на ЕУ официјално пред 5 години имало околу 20 милиони исламски верници што претствува околу 4 % од населението или со други збовори доволно голем потенцијал за религиозен судир од досега невидени размери.
Ако се суди според начинот на кој досега европските лидери го решаваа проблемот со бегалците нема простор за оптимизам кога ќе дојде на ред да се решава проблемот со членовите на ИСИС . Всушност прашањето на бегалците и европскиот консензус е последната шанса стариот континент да се подготви за уште поголемиот предизвик кој што ја очекува. Ако нема договор за дистрибуција на бегалците , ако нема соодветна размена на разузнавачки информации (како што реално нема) тогаш шансите Европа подготвена да ги дочека разулавените екстремисти кои што патуваат или веќе допатувале прикриени како вистински бегалци се минимални. Време за подготовка има се помалку , а наскоро можеби ќе нема воопшто.
Либански министер тврди дека 2 % од бегалците се терористи
Министерот за образование на Либан кој што го придружуваше британскиот премиер Камерон за време на посетата на бегалските кампови во оваа земја ја потврди контроверзната информација која што пред еден месец ја пренесоа медиумите на островот според која над 4000 илјади ченови на ИСИС се префрлени во Европа и чекаат на команда за извршување на терористички напади. Министерот Елиас Боу Сааб тврди дека еден од 50 сириски бегалци е потеницијален терорист и дека два проценти од сите сириски бегалци се џихадисти испратени од Исламската држава во европа. Сааб не изложи докази за ова тврдење но не смееме да се сомневаме дека министер на една од државите на блискиот Исток која што во последниве 4о години трпеше огромни разорувања како резултат на конфликти меѓу голем број различни верски и етнички фракции знае што зборува. Според Сааб овие инфилтрирани оперативци на ИСИС патуваат преку Турција и Грција што значи дека голем дел од нив ја минале или допрва ќе ја минат и македонската граница.
Македонија не е во европските планови за бегалците
Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел деновиве кажа една работа која што е многу важна за Балканот и за Македонија пред се. Според заменикот на канцеларката Ангела Меркел Европската унија нема план да ни ги остави бегалците нам, на Србија или на Босна и Херцеговина. На сите во ЕУ па и на министерот за економија на најбогатата европска држава му е јасно дека товарот ќе мора да го преземат земјите кои што се дел од ЕУ а не оние кои што поради разни причини не се дел од унијата. Грција, Унгарија и Италија се државите кои што ќе мораат да градат кампови и прифатни центри каде ќе бидат процесирани барањата за азил по што може да започне дистрибуцијата на намачените Сиријци и други државјани. Потоа според Берлин стотиците илјади бегалци ќе можат да го продолжат патот и да ја пополнат празнината создадена со белата чума во најголем дел од Европските членки. Се дотука за Македонија е добро но логично се поставува прашањето дали ЕУ ќе ја остави земјата да се соочи сама со евентуални терористички групи кои што во неможност да влезат во ЕУ да се сместат кај нас. Апсењето на десетина лица за организирање на доброволци за редовите на Исламскат држава покажа дека во Македонија има плодно толо за формирање радикални мрежи кои што можат да бидат логистика за посериозни акции. Ако Македонија не добие помош при справување со овие групи кои што имаат мултинационален карактер и одлична поврзаност со криминални и радикални верски структури не се исклучува драматичен развој на настаните во кој политичката стабилност не може да се планира ниту на краток рок а не пак на среден или долг. Како и ЕУ и Македонија во таков случај ќе мора да се подготви за најлошото со надеж дека ќе биде поарно.
Пишува:Горан Момироски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.