| четврток, 6 декември 2018 |

Париз утрово: Затворени институции, мобилизирани болници, вонредна состојба

Министерскиот совет, свикан од претседателот на француската република Франсоа Оланд, се состана точно на полноќ, додека во салата Батаклан се одвиваше акцијата на полициските сили за справување со терористите. На состанокот се усвоени серија на ургентни мерки, јави дописникот на МИА од Париз.

Како што стои во соопштението на Елисејската палата, согласно извештајот на премиерот, министрите за внатрешни работи и правда, „донесен е декрет за прогласување на вонредна состојба“. Вонредната состојба стапува во сила веднаш на целата територија на европскиот дел на Франција и на Корзика. Оваа мерка дозволува да се забрани движењето на лица и воспотавување на заштитни безбедносни зони.

Вториот декрет се однесува на воведување на засилени безбедносни мерки во сите општини на парискиот регион.

„Овие мерки дозволуваат да им се изрече мерка домашен престој на сите лица чија активност е опасна, како привремено затворање на сали за спектакли и места за состаноци, откривање на оружје и спроведување на административни претреси“ – се вели во официјалното соопштение.

Од друга страна, претседателот на Франција, одлучи итно воведување на граничните контроли, за што се мобилизирани царинските служби.

Училиштата, гимназиите, школските установи и универзитете ќе бидат затворени во текот на денешниот ден, а се откажуваат и школските екскурзии.

Француската влада ги мобилизира и болниците. Истовремено е активирана и ќелијата за помош на жртвите од министерството за надворешни работи, правда и здравство, во врска со префектурата на полицијата.

Изутринава во Елисејската палата во 9 часот е свикан Советот за одбрана, а досега се мобилизирани 1.500 припадници на армијата.

Според соопштението на Елисејската палата, претседателот на Франција ќе остане во Pариз и нема да учествува на самитот Г20. Тој ќе биде претставуван од министерот за надворешни работи и меѓународен развој и од министерот за финансии, појаснува Елисејската палата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top