Европската комисија денеска ги осуди заканите по животот за новинарката на македонскиот интернет-портал „Курир“ и кон нејзиниот петгодишен син од страна на активист на опозициската СДСМ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Повикувајќи се и на забелешките за слободата на медиумите во последниот извештај за прогресот, портпаролката на неформалната Влада на Европската унија, Маја Коцијанчич, порача дека „Брисел осудува заплашување и малтретирање новинари, без оглед на тоа од кои кругови доаѓаат“.
– Европската комисија придава големо значење на почитувањето на слободата на изразување и на слободата на медиумите. Како што е наведено во извештајот за напредокот, посебно во тој за вашата земја, Европската комисија осудува заплашување и малтретирање новинари, без оглед на тоа од кои кругови тие доаѓаат. Ова е нешто на кое се посветивме во препораката за БЈР Македонија каде што Еврокомисијата ги охрабрува сите, посебно Владата и медиумите да работат посилно за да се подобри медиумска култура во земјата – порача портпаролката Коцијанчич на денешната прес-конференција во зградата на ЕК во Брисел.
Како што е познато, извештајот за Македонија и делот за медиумите предизвика реакции од дел од новинарските асоцијации и кругови од Македонија, поради тоа што селективно беа издвоени само нападите и заканите за „новинари” од проопозициски медиуми, но не и напади на опозициски активисти врз новинари поради нивни јавно искажани ставови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.