Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска одржа уште еден состанок со колегиумот на Клиниката за дигестивна хирургија на кој е одлучено поради смирување на состојбата во следните два дена Клиниката да не работи.
– Одлуката е во четврток и во петок да не работат, односно да работат само за итни случаи, а сѐ што е елективна хирургија и амбуланта да пренасочиме кон други две установи, стара Градска болница и кон „8 Септември“. Се случи многу сериозен криминален чин и докторите со право се револтирани и реагираат. Ние сме во комуникација со нив. Но, тоа што е најважно за нас е да се смири состојбата тука, да се создадат услови за нормално функционирање, а од друга страна ниту еден пациент да не трпи поради тоа- изјави Тодоров.
Посочи дека, иако вчера имало операции на Клиниката и се работело, сепак, заеднички било одлучено дека е потребно време за смирување и за стабилизирање на ситуација.
– Докторите се луѓе кои имаат чувства и се нашле во една многу сериозна ситуација, голем број од нив биле сведоци на овој криминален, нецивилизиран и примитивен чин и нормално е тоа да има негативно влијание врз нив – рече Тодоров.
Додаде дека ќе биде одржан уште еден состанок, а се разговарало и за организациски планови, обезбедување, како и можеби,повторно активирање на камери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.