Компаниите, стопанските комори, научно-истражувачките центри, невладините организации и образовните институции да ја зајакнат соработката и да го интензивираат дијалогот со цел изнаоѓање креативни решенија за поголемо искористување на средствата од програмите на Европската комисија, порача денеска вицепремиерот Владимир Пешевски од работилницата „Пристап до финансии“.
Владата, како што нагласи Пешевски, ги препозна можностите што им се нудат на македонските компании преку трите клучни програми „Хоризонт 2020“, „КОСМЕ“ и „Еразмус“ проектирани на вкупно 82,5 милијарди евра до 2020 година, и недвосмислено донесе одлука активно да учествува во нивна реализација. Ги заврши сите неопходни административно-финансиски обврски за македонската компанија да има пристап до средствата што се нудат.
– Уште еден доказ дека Владата е посветена на подобрување на конкурентноста и создавање поволна бизнис клима е тоа што Македонија е првата земја потписничка на Платформата за развој на претпријатија и иновации во Западен Балкан со која компаниите од регионот добиваат пристап до преку 140 милиони евра – истакна вицепремиерот, додавајќи дека со директно финансиско учество македонската Влада партиципира и во Регионалниот фонд за иновации, една од четирите компоненти на Платформата преку која ќе бидат обезбедени 40 милиони евра за иновативни решенија кај фирмите.
Пешевски потсети дека преку Македонската банка за поддршка на развојот и субвенционираните кредитни линии од страна на Владата, се поддржани над 1.600 македонски мали и средни претпријатија и се инвестирани 332 милиона евра. Во наредниот период ќе бидат повлечени и останатите 18 милиони евра со што помошта за домашните фирми ќе биде заокружена на 350 милиони евра.
Според Мартин Клауке од Делегацијата на ЕУ во Македонија, пристапот до финансии кој е многу битен за развојот на бизнисите и отворањето нови работни места, се уште е клучен проблем за малите и средните претпријатија не само во Македонија, туку и на европско ниво. ЕУ, како што напомена Клауке, останува партнер на Македонија и ќе продолжи да ја поддржува земјата на нејзиниот пат до полноправно членство.
– Можностите што досега беа понудени од Европската комисија за финансиска поддршка на малите и средните претпријатија, не се искористија доволно. Затоа сакаме денес да ги промовираме критериумите и опциите на нашите програми пред компаниите и научната јавност, рече Клауке, подвлекувајќи дека сите реформи во Македонија поврзани со бизнисите ќе бидат зајакнати и соодветно поттикнати со програмите на Европската комисија, а целта е креирање нови работни места и зголемување на стандардот на граѓаните.
Европските програми не се даваат како директни фондови во земјите кориснички, туку се канализираат преку локалните и регионалните финансиски институции или преку посредници како што се банките.
Слабата искористеност на европските пари работодавачите ја гледаат во немањето доволно стандарди и технологија, а уште многу треба да се вложува, велат, и во инфраструктурата. Како што изјави претседателот на Конфедерација на работодавачи Миле Бошков, засега само поголемите фирми ја имаат моќта да одговорат на потребите на глобалниот пазар, додека малите треба да учат како да го постават корпоративно бизнисот за да влезат во регионалната економија и потоа на глобалниот пазар.
– Нашиот фокус ќе биде обука за пристап до финансии и иновативни техники. Се уште кај нас во Македонија производот или услугата е основа за водење бизнис, но т.н. внатрешна архитектура за водење бизнис односно стандардите, човековите права, исполнувањето на некои критериуми, начинот на кој се обезбедуваат производите или услугите,…, треба да бидат осовременети за да можат да бидат дел од глобалната економија и да настапат на тој пазар – истакна Бошков.
Работилницата „Пристап до финансии“ се организираше со поддршка на Министерството за економија. Почна вчера и на неа присуствуваат претставници не само од бизнис секторот, туку и од науката, образованието и невладините организации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.