| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Изградбата на експресниот пат Штип-Кочани ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја информира македонската јавност дека на вчерашното четврто продолжение на 71-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија ја дале поддршката за Предлог-законот кој што предвидува изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани, соопштуваат од пратеничката група.

„Овој нов експресен пат ќе се протега во должина од 28 километри. Наместо реконструкција и рехабилитација на постојниот магистрален пат А3, делница Штип – Кочани, се одлучи истиот да биде полуавтопатско решение односно експресен пат Штип – Кочани. Изградбата на оваа делница на ниво на експресен пат значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места кои што досега го користеа магистралниот пат Штип – Кочани, но и ќе значи исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој регион, при што ќе се зголеми безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина.

Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ секогаш сме ги поддржувале проектите кои се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура односно реконструкција и изградба на нови патишта. Досега за таа цел се изградени 1280 километри локални и регионални патишта низ целата територија на Република Македонија, се врши изградба и реконструкција на магистрални и експресни патишта, во тек е изградба на три нови автопати, континуирано се врши модернизирање на светлечката и сообраќајната сигнализација низ целата држава, реконструкција на мостови, реконструкција на постоечки и пробивање на нови тунели и уште многу други проекти кои значат подобар, поквалитетен и побезбеден патен сообраќај.

Сакаме да напоменеме дека на вчерашната седница на Собранието на Република Македонија исто така ја дадовме поддршката и гласавме за изградба на уште еден експресен пат, а тоа е експресниот пат Штип – Радовиш“, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top