Вечерва, (5 ноември), со почеток во 20 часот во Центар за култура Битола, почнува седмиот по ред Фестивал на музика од светот, кој ќе го отвори светски познатиот турски пијанист и композитор Керем Горсев, кој ќе настапи заедно со возобновениот Камерен оркестар на Битола под диригенство на Сашо Татарчевски.
– Сакам кога работам на нестандардни проекти, а овој е токму таков.Ова е извонредна можност за Камерниот оркестар, затоа што ќе изведуваме музика за која е потребна голема музикалност и тоа ќе значи раст за оркестарот, изјави диригентот Сашо Татарчевски.
Керем, кој само овој месец ќе одржи десет концерти, зад себе има 15 албуми, меѓу кои два со Филхамонискиот оркестар на Санкт Петербург и со Лондонскиот филхармониски оркестар.
– Кога творам, творам така како што чувствувам, а овде во Битола имам многу позитивно чувство. Ќе ми биде огромно задоволство да настапам во Битола и тоа заедно со Сашо Татарчевски – рече Керем Горсев на средбата со новинарите.
Светски познатата пејачка ѕвезда Наташа Атлас, по концертите во Париз, Женева, Минхен, Вроцлав, на 6 ноември доаѓа на фестивалот во Битола.
Наташа е препознатлива по нејзниот успех во обединувањето на Западната и на Источната класична музика, особено по нејзиното комбинирање на најсовремениот електронски звук со арапски мелодии и инструменти. Таа досега соработувала со ѕвезди како Питер Габриел, Шинед О’Конор, Жан Мишел Жар и многу други.
– Навистина сум среќна што со мојот состав доаѓаме во Битола, во Mакедонија, за да го отсвириме материјалот од нашиот нов албум. Ќе треба да смениме два авиона и уште долго да се возиме по патот дотаму, но сигурна сум дека ова патување вреди, напиша Наташа Атлас на својот профил на „Фејсбук“.
За време на фестивалот во Битола ќе се промовира албумот „Шербет Љубојна“ на групата Љубојна. Гостин на албумот е Исмаил Лумановски, а издавач на албумот, Центар за култура Битола.
Фестивалот на музика од светот е поддржан од Министерството за култура, Дирекција за култура и уметност Скопје, Турски културен центар „Јунус Емре“ Скопје, Францускиот институт и Француската алијанса со седиште во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.