| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот на Романија поднесе оставка поради несреќата во ноќниот клуб

Романскиот премиер Виктор Понта денеска поднесе оставка на функцијата, јави агенцијата „Аџерпрес“.

– Понта поднесе оставка, затоа што некој мора да преземе одговорност за она што се случи, изјави лидерот на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) – Ливиу Драганеа.

Оставката на Понта следи еден ден по масовните протести во неколку романски градови од кои беше побрано тој да се повлече од премиерската функција, поради пожарот во дискотеката „Колектив“ во Букурешт во петокот, при што загинаа 32 лица, а 120 други беа повредени.

Демонстрантите изразија незадоволството од владините мерки за заштита на објектите во кои се собираат младите на забава и ја обвинија Владата за „немарен однос“ и за корупција.

Драганеа нагласи дека „состојбата е сериозна“, но вети дека ПСД „ќе најде брзо решение за ваквата ситуација“.

Во првата реакција по неговата одлука да се повлече од функцијата, Понта изјави дека верува дека неговата оставка ќе ги задоволи луѓето кои излегоа на улиците за да протестираат.

Понта веќе е осомничен за корупција. Тој е првиот премиер на Романија, против кого е покренато формлано обвинение, додека сѐ уште е на функцијата.

Тој се товари за измами, за неплаќање данок и за перење пари, во период од изминатите седум години, што тој категорично го отфрла.

Според Понта, станува збор за „непрофесионална постапка“ на романското обвинителство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top