По лошиот старт од три порази по ред, екипата на Шарлот Хорнетс сиот бес го истури врз Чикаго декласирајќи го со 130-105. Иако важи за еден од тимовите со најдобра одбрана, Чикаго на гостински терен дозволи да прими по повеќе од 30 поени во секоја четвртина. Мечот беше решен уште во првото полувреме што хорнетс го добија со 69-47, а најпрецизни во таборот на победничката екипа беа Ламб со 20 поени (9/10 шут од поле) и Батум со 18 поени.
Со неколкуте засилувања доведени во текот на летото и добрите настапи во предсезонските мечеви, многумина мислеа дека повеќекратниот шампион во НБА лигата ЛА Лејкерс, ќе се обиде да се врати на старите патеки кога освојуваше титули. Сепак тоа не е така и во натпреварот против Денвер во „Стејпл центар“ го забележа и четвртиот пораз од 109-120. Гостите клучната предност ја направија во финишот од третата четвртина, кога постигнаа 15 поени за неполни три минути и си го трасираа патот до победата. Фариед остври дабл-дабл од 28 поени и 15 скокови, Галинари постигна 14 од своите 21 поен во второто полувреме, додека кај ЛА лејкерс повторно потфрли ветеранот Коби Брајант со само 11 поени.
Единствената екипа од Канада, Торонто во новата сезона го урна клупскиот рекорд за најдобар старт во историјата на клубот. Четири победи од истотолку натпревари Торонто не остварил во 20-годишното постоење. Кајл Лоури со 27 поени беше убедливо најдобар играч на мечот, а одлучувачка за победата на Репторс беше серијата од 12-0 на средината од последната четвртина. Далас беше без кош речиси четири минути и потоа немаше ниту сили, ниту време да се врати во игра за победа. Новицки беше прв играч кај Далас со 18 поени.
Резултати: Сакраменто – Мемфис 89-103, ЛА Лејкерс – Денвер 109-120, Њу Орлеанс – Орландо 94-103, Далас – Торонто 91-102, Шарлот – Чикаго 130-105, Мајами – Атланта 92-98, Детроит – Индијана 82-94
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.