Македонскиот поет Цане Андреевски и српскиот поет Јован Зивлак се добитници на наградата „Книжевно жезло“, што Друштвото на писателите на Македонија традиционално ја доделува за поетски опус со високи естетски дострели.
Одлуката едногласно ја донесе Претседателството на ДПМ на предлог на Организациониот одбор на Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“.
Цане Андреевски (1930) е поет чие творештво остави важен и препознатлив печат во развојните процеси на македонската книжевност. На литературната сцена е присутен цели шест децении при што значаен е неговиот влог во македонската поезија од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, со стихозбирките „Добрина“ и „Свечености“. Подоцна ги објави и поетските книги „Сребрен поток“, „Врски“ и „Дождот“. Автор е и на низа поетски и прозни книги за деца. Неговата поезија во одделни книги и во антологиски избори е преведена на дваесетина јазици. Во 1991 година ја објави познатата книга „Разговори со Конески“. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца на СВП и наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ. Бил уредник на списанијата „Млада литература“ и „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1957 година.
Српскиот поет Јован Зивлак (1947) има опус од 12 поетски книги, меѓу кои: „Бродар“, „Вечерна школа“, „Триножник“, „Напев“, „Зимски извештај“ и „Остров“. Еден е од најпреведуваните српски поети. Добитник е на меѓународни и на домашни признанија, меѓу кои наградите: „Васко Попа“, „Станислав Винавер“, „Душан Васиљев“ и “Октомвриска награда“. Живее и работи во Нови Сад. Бил долгогодишен главен и одговорен уредник на списанието „Поља“, а потоа го оснива книжевниот гласник „Златна греда“, издание на Друштвото на писателите на Војводина. Како прв човек на издавачките куќи „Светови“ и „Адреса“, се залага за модерните и постмодерните книжевни тенденции и за книжевната теорија и филозофија.
Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на централната приредба на „Празникот на липите“, во јуни идната година. ДПМ ќе објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, српски и на англиски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на најновата книга „Липите кај Сарај куќа“ на Лидија Дочовска Павловска во ДПМ
-
Загајевски стана почесен член на Друштвото на писатели на Македонија
-
„Празник на липите“: Врачени наградите „Книжевно жезло“ на Видое Видически и Ѓеорѓе Добре
-
„Празник на липите“ в четврток во Друштвото на писателите на Македонија