| четврток, 6 декември 2018 |

Саем на студии во Франција во НУБ „Св. Климент Охридски“

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска ќе се одржува Саем на студии во Франција, на кој претставници или алумни од околу 30 француски универзитети ќе ги презентираат условите за студирање и можноста за стипендирање за македонски студенти.

Студентите, професорите и родителите ќе може поконкретно да се информираат за различните студиски програми што ги нудат француските високообразовни институции, а ќе биде промовирана и новата програма за практика во успешни француски компании. На саемот се предвидени и онлајн-разговори со македонски студенти кои престојуваат во Франција.

Саемот го организираат Францускиот институт и одделот за високо образование Кампус Франс во Скопје. Тој е дел од Регионалниот патувачки саем на студии во Франција, кој посетува повеќе земји на Балканот.

Саемот во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе се одржува од 11 до 18 часот. Официјално ќе биде отворен во 12.30 часот, со обраќање на амбасадорката на Франција во Македонија, Лоранс Оер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top