| четврток, 6 декември 2018 |

Стоматолошка комора реагира: Што направи Накова во нејзиниот 30-годишен мандат?

Проф. Марија Накова 30 години активно беше вклучена во креирањето на политиките за стоматолошката дејност, истовремено како долгогодишен професор, декан на Стоматолошкиот факултет – Скопје и претседател на Стоматолошката комора на Македонија. Токму од тој аспект на креирање на политиките на стоматолошката дејност проф. Накова треба да одговори на следните прашања пред јавноста, се вели во е реакцијата на Стоматолошка комора на Македонија (СКМ) на денешната трибина на СДСМ „Визија за Македонија“.

Реакцијата ви ја пренесуваме интегрално: 

Зошто во тој временски период настана масовна хиперпродукција на кадар, со што се намали стручноста и квалитетот на стоматолошката дејност?

Зошто бројот на специјализации беше зголемен не основано, воедно повеќето од тие специјализации беа нетранспарентно доделени без да бидат запазени соодветните критериуми за избор?

Која беше нејзината визија за унапредување и развој на стоматолошката дејност во нејзиниот долгогодишен мандат како претседател на СКМ и што таа реализираше во тој период, освен што успеа да ја остави СКМ без регулиран правен статус, без нитуедна реализирана реформа за унапредување на стоматолошката дејност, без интегрирање на СКМ во европските и светските дентални асоцијации, истовремено оставајќи ја СКМ во големи финансиски дубиози, оттуѓувајќи ја Комората од стоматолозите на кои припаѓа работејќи нетранспарентно, неодговорно, со вклучени мал број луѓе блиски до неа, реално злоупотребувајќи ја СКМ за лични цели и интереси?

Кој е кредибилитетот на Проф. Марија Накова да говори за стоматолошката дејност и поддршката на младите стоматолози кога истата таа Марија Накова е вработена во приватна установа, а воедно и зема државна пензија?

Што почитуваната  професорка Накова направи во нејзиниот 30-годишен мандат?

Воедно ја известуваме јавноста дека актуелното раководство на Стоматолошката комора на Македонија во континуитет придонесува за унапредување на стоматолошката дејност зголемувајќи ја ефикасноста во работењето на СКМ, со транспарентност и достапност во секое време, регулиран начин на работа на СКМ, вклучување на СКМ во европските дентални асоцијации, исполнети барања за проширување на листите на услуги на специјалистите по одделни области во стоматологијата и активно застапување на интересите на колегите стоматолози за развој на стоматолошката дејност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top