| четврток, 6 декември 2018 |

Кога нема во музиката, има во скарата

Со годините тезгите се сѐ помалку, фестивали и албуми, пак, речиси и да нема. Македонските музичари мораат да имаат втора опција, свој бизнис или стабилна работа сосема спротивна на нивната прва љубов

Машинеријата на музичката индустрија од пред 15 години, денес едвај се помрднува. Како стар југословенски споменик, деловите ѝ се стари, ‘рѓосани, расипани и несменети.

Некогаш, не во многу далечно минато, дискотеките и кафулињата низ земјата барем три-четирипати неделно имаа програма која вклучуваше настап и жива свирка. Македонската музика пред сѐ се почитуваше, се создаваше, се промовираше. Постоеше добро разработена музичка инфраструктура, која денес е само стар пат со дупки, кој сите го избегнуваат.

Растргнати меѓу давачките, незаштитени од здруженијата, недоволно ценети од публиката, уште помалку платени од менаџерите, денес, голем дел од музичките работници, покрај својата работа како пејачи, композитори, актери, музичари и слично, се занимаваат и со нешто сосема друго.

Со годините тезгите се сѐ помалку, фестивали и албуми, пак, речиси и да нема. Па втора опција, свој бизнис или стабилна работа сосема спротивна на нивната прва љубов, мора да се има.

Во своите препораки за скриените „скапоцени камења“ низ Македонија, Игор Џамбазов, преку профилот на својата мачка, неодамна остави аманет, дека ако некогаш одите во Гевгелија, мора да наминете кај „Кико и Иван“.

Браќата Раденови од Гевгелија речиси две години ја водат кафеаната сместена во градскиот пазар. Иван, првиот македонски идол, не го доби ветениот албум, бидејќи набргу по победата продукцијата и телевизијата кои го организираа шоуто се затворија. Подоцна, неколку месеци поминаа во Белград каде настапуваа по тамошните клубови, а стигнаа и до третата фаза во првиот „Икс-фактор“. Можеби со музиката никако асолно да им тргне, но затоа пак, за нивната скара надалеку се слуша.

И Ламбе Алабакоски бизнисот си го отвори во родното место. Пејачот и ова лето држеше ноќен клуб покрај Преспанско Езеро, каде покрај менаџирањето, се погрижи и за музиката.

scena164-4

Дека кога веќе самиот си професионалец, можеш и самиот да си правиш свирки, веќе одамна знае Маја Гроздановска – Панчева. Пејачката и сопруга на Дарко Панчев, можеби одамна нема нов материјал, но затоа, пак, редовно настапува во нивното кафуле „Деветка“, кое со години е центар место во скопскиот трговски центар „Беверли Хилс“.

И Сања Лефкова покрај сопругот стана газдарица на бар. Нивното „Ред кафе“ е едно од најпосетените места во Аеродром, а кој пробал знае и зошто.

Газда на ресторан е и новопечениот сопруг на Тамара Тодевска. Поранешниот кошаркар Александар Димитровски – Мачка го отвори ресторанот „Атланта“ во партнерство со Перо Антиќ, но сега сам стопанисува со ова популарно место на кејот на Вардар.

Сопругот на Елена Велевска, пак, за својата сопруга и мајка на неговите три деца изгради хотел. Покрај Охридско Езеро е изграден луксузниот „Елени Палас“, посветен и именуван на познатата фолкерка.

scena164-2

Успешно кафуле има и Андријан Гаџа. Пејачот во старата скопска чаршија веќе година и пол е газда на „Гаџа бар“. Иако пред една година, кафулето беше демолирано од насилници, бизнисот опстана, а барот е полн.

scena164-3

Баш во времето кога беше еден од ретките што полнеа концертни сали, па дури и арената „Борис Трајковски“, Марко Маринковиќ – Слаткаристика го отвори „Филм кафе“. Кафулето беше хит во неговото маало во Ново Лисиче, но раперот засега се откажа од тој бизнис.

И на Ѓоко Танески навистина му беше тргнато на музички план, кога реши дека има време и за други бизниси. Во Охрид, Танески го отвори пабот „Кастело“, а едно лето таму беше газда и на ноќен клуб.

Во родната Битола и пејачот Димитар Андоновски неколкупати беше дел од угостителските води. И „Пијано“ и „Клупче“ беа одлични клубови, каде никогаш не недостигаше она најважното – многу алкохол, добра музика и расположени гости. Пред неколку лета, пејачот зеде под концесија и плажа во Охрид.

Како менаџер едно време се испроба и Владимир Крстевски – Франц, но неговиот клуб „Блек ен вајт“ опстана само една сезона.

И актерот Тони Михајловски се испроба како кафеџија. На влезот на старата скопска чаршија, „Т’га за југ“ беше место кое боемџиите не го напуштаа до зори.

Огромна популарност своевремено стекна и ресторанот „Балканика“, кога го отворија некогашните колеги и другари Дуле и Коки.

Пред две години, Хелена Роза го отвори ресторанот „Париз Бистро“ во Градскиот трговски центар. Водителката своите познавања за здравата и балансирана исхрана ги пренесе во специјалитетите на ресторанот, но бизнисот не тргна како што се надеваше. Пред само неколку месеци, таа и нејзиното момче Игор, се преселија во Нов Зеланд.

Додека сѐ уште живееше во Скопје и се занимаваше со музика, свое кафуле во „Лептокарија“ имаше и Александра Пилева, но и таа среќата реши да ја бара во странство. Денес е среќно омажена мајка која живее во САД.

Во угостителството вложуват и спортистите. Со години во Струмица опстојува „19“, кафулето на фудбалскиот интернационалец Горан Пандев.

Во Аеродром, пак, кај слаткарницата „Палма“, постои уште едно кафуле, ем насловено со бројка, ем на спортист. Со кафулето „12“ се гордее директорката на ЖРК Вардар и легендарна голманка, Гордана Нацева.

До неодамна свое кафуле во центарот на Скопје имаше и фудбалерот Влатко Гроздановски.

Moжеби нема сопствен ресторан, но таа е првата на која ќе ви текне кога станува збор за готвење на традиционална македонска храна. Покрај во народната музика, Адријана Алачки се прослави и со сопствената емисија за готвење „Вкусот на традицијата“.

Иако немаат кафуле или кафеана, уште многу други јавни личности од Македонија имаат и втора професија. Верица Пандиловска со години е сопственик на салон за убавина, а последнава година нејзината колешка Елена Петреска држи бутик во центарот на Скопје.

Пејачката Нина Јанева работи во Управата за хидрометеоролошки работи, Мијата, пак, е една од ретките жени контролори на летови. Нешто сосема дијаметрално со музиката работи и Бојана Атанасовска, а Кристина Арнаудова меѓу своите хоби-професии го вметна и дизајнирањето на чевли. Дани Димитровска оваа љубов ја покажа преку дизајнот на чизми.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 164. број на неделникот „Република“, 23.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top