| четврток, 6 декември 2018 |

Дали навистина може да умреме од страв?

Докторот од итната помош во болницата Ленокс Хил во Њујорк, Роберт Глатер вели дека одговорот е – да.

Кога луѓето се преплавени со страв, одговараат или со борба, или со бегство. Таквата акутна реакција на стравот им помагала на нашите предци кога биле соочени со напад на некој ѕвер или разни агресори и им го давала потребниот адреналин за борба или бегство.

Пред да го исплашите вашиот пријател, добро размислете

Приливот на адреналин е рефлекс, кој го контролира автономниот нервен систем. Соочени со ситуација што ги плаши, луѓето ќе искусат забрзано чукање на срцето, раширени зеници и зголемен доток на крв во мускулите. За жал, зголемената количина адреналин може да го оштети срцето, вели доктор Роберт Глатер

При голем страв, во срцето се предизвикуваат силни мускулни контракции, па срцевите мускули не можат лесно да се релаксираат. Во тој случај можеме да добиеме вентрикуларна фибрилација, состојба во која срцето не чука како што треба. Тоа доведува до опаѓање на притисокот, крвта не доаѓа до мозокот и паѓаме во несвест.

Некое случување од кое што сме се уплашиле може да предизвика неправилно отчукување на срцето, а сето тоа може да резултира и со смрт. Ова може да им се случи дури и на најздравите луѓе.

Не само стравот, туку и секоја екстремна емоција може да предизвика таква реакција. Високото ниво на адреналин може да доведе до смрт дури и во тек на сексуален чин, религиски занес или некое спортско случување.

Може да се јави и како реакција на звучна експлозија, па дури и на некој „страшен“ мирис. Добра вест е тоа што луѓето можат да ја ублажат таквата акутна реакција на страв која не е под наша контрола така што ќе практикуваат јога, или пак преку медитација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top