| четврток, 6 декември 2018 |

Истражени 70 проценти од владетелската палата во Билазора, продолжуваат ископувањата

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ и министерката за култура Елизабета канческа-Милевска го посетија археолошкиот локалитет Билазора кој се наоѓа кај село Кнежје Свтиниколско. Станува збор за еден од најзначајните раноантички локалитети во Македонија и единствен од ваков вид во средна Европа. Билазора која била населена од 7 до 2 век пред нашата ера (рана антика) во минатото била центар на цивилизацијата на Пајонците околу 500 години.

-На овој локалитет кој е дел од капиталните проекти на Владата на Република Македонија од областа на археологијата веќе се завршени годинашните истражувачки активности по што ќе следува стручна обработка на пронајденото, а потоа и презентација за досегашните резултати од истражувањата. Со истражувањата раководеше проф. д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет во Скопје, во соработка со Народниот музеј на Свети Николекој е единствената институција која се занимава со заштита на археолошките и историските вредности на овчеполскиот простор и Управата за заштита на културното наследство, истакна Канческа-Милевска.

Проф. Митревски информираше декаархеолозите на овој локалитет годинава работеа на доистражување на владетелска палата од 4 век п.н.е која се наоѓа на највисокиот дел од населбата, отворениот двор (атриум) со колонади и уште на неколку нови простории кои се откриени годинава. Со овие активности според професорот се истражени 70 проценти од целата палата, а остатокот ќе се ископува во наредниот период. -Оваа палата е многу слична на оние во Ајга, Вергина, во старата престолнина на античка Македонија. Во текот на досегашните истражувања пронајдени се и објекти за јавна употреба, трпезарија, влезна дворана, култен простор, а на останатиот неистражен дел се очекува да се откријат станбени простории. Она што е особено значајно е тоа што ѕидовите на владетелската палата се украсени со фреско-декорација, а од движните наоди  досега се пронајдени над 1000 артефакти- луксузни ерамички садови и накит, парчиња од алат, стрели и монети, рече министерката.

DSCN4883

Во изминатиот период беа спроведени и превентивни заштитни мерки на локалитетот со тоа што делот кој се истражува беше комплетно заграден со заштитна мрежа, поставена беше и влезна порта за да се спречи влегување на возила, а беа поставени и инфо табли за посетителите. На дел од владетелската палата беше поставена покривна конструкција од времен карактер за да се спречи оштетувањето на локалитетот од атмосферски влијанија. Воедно од 2013 година во соработка со Филозофскиот факултет во Скопје,  (катедра по Археологија) во рамки на истражувањата се спроведува и практична  настава за студенти-археолози на УКИМ. Со интенција во иднина оваа активност да се развие и интернационално, со што млади археолози од странство ќе учествуваат во истражувањата, одблиску ќе се запознаат со нашата историја и култура, а за тоа да плаќаат одредена сума на парични средства кои подоцна ќе бидат искористени за понатамошно истражување и унапредување на локалитетот.

-Морам да истакнам дека на локалитетот Билазора се работи повеќе од триесет години, но сеопфатни систематски истражувања се прават во изминативе години, и истите се концентрирани на откривање на просторот на акрополата на локалитетот. Значајно да се спомне е и дека Општина Свети Николе во 2014 година преку проект за развивање на руралните подрачја, а со средства од Министерството за Земјоделие и АФПРЗ –изгради асфалтен пристапен пат од с.Кнежје до локалитетот во должина од 1 км и со тоа се овозможи полесен пристап за сите посетители,кој од ден на ден доаѓаат во се поголем број, подвлече таа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top