| четврток, 6 декември 2018 |

За среќа фудбалот на младите ни остана

 

Milevski

Фудбалот во Македонија е во длабока криза, особено кога станува збор за настапите и рејтингот на сениорската репрезентација и на клубовите на еврс-сцената, но светлина во тунелот сепак има. Ја носат младинците со одличните игри во квалификацискиот циклус и особено со односот кон националниот дрес, со борбеноста, со колективниот дух. По стартниот пораз од Исланд, македонските репрезентативци на возраст до 21 година, предводени од селекторот Благоја Милевски успеаја да забележат две вредни победи против Украина и Северна Ирска и во одлично расположение го очекуват дуелот со првиот фаворит Франција.

„Ме радува што на секој следен меч имаме напредок на тактички план и во дисциплината во играта. Што се однесува до талентот, тој никогаш не им недостасувал на македонските фудбалери. Тоа е неспорно, но постојано заостанувавме на тактички план и немавме победнички менталитет. Оваа генерација чекори храбро кон отстранување на тие недостатоци и напредокот е видлив. Ми е жал што загубивме против Исланд, иако не бевме надиграни. Ни се повторија старите маани во период од десетина минути, кога ги примивме головите, но потоа репрезентативците одговорија на предизвикот и со две победи покажаа цврст и победнички карактер. Најважно е што самите на себе си потврдивме дека можеме рамноправно да играме против ривали со одличен рејтинг во европскиот младински фудбал. Кога се игра со огромна желба за победа, резултатите не можат да изостанат. Најважно е да се даде максимумот на терен, да се разбере што значи да се игра за дресот со државниот грб и да се покаже колективен дух. Верувам дека фудбалските симпатизери ќе знаат тоа да го ценат, без разлика дали ќе победиме или не“, вели Милевски.

Конечно играме фудбал

Оддамна чекаме генерација на фудбалери што ќе покаже фанатична борбеност на терен, но и победнички менталитет, да биде рамноправна на физички и на тактички план со противници кои имаат подобар рејтинг. Или едноставно кажано „децата“ предизвикаа општи симпатии со победите над Украина и со Северна Ирска. Видовме битка, квалитет и глад за победа.

Патем Украинците кои се чести учесници на завршните турнири на ЕП ги победивме со играч помалку, а против Северна Ирска славевме со пресврт. Работи што ретко ни се случуваа во минатото со било која селекција. Или просто кажано „децата“ играат вистински фудбал.

„За да примиш или да дадеш гол во фудбалот потребни се десетина секунди. Важно е дали си подготвен да го возвратиш ударот. И да покажеш карактер и добра стратегија да останеш во игра и да го надиграш противникот. Тоа е победничката филозофија на фудбалските гиганти. Засега моите избраници успешно се справуваат со овие предизвици. Не паднавме со духот ниту против Исланд, иако загубивме, ни кога имавме играч помалку против Украина, ниту кога имавме негатива од 0-1 со Северна Ирска. Верувам дека по тој пат ќе продолжиме и во следните квалификациски мечеви. Битка до последен здив, без потценување и преценување на ривалите“, објаснува Милевски.

На 15. ноември „галските петли“ ќе ни гостуваат во Скопје. Имаат искусен стратег во Пјер Манковски, кој беше на кормилото на Франција на СП 2013 и со Погба и Кондогбија во составот ја доведе младинската селекција до светскиот трон. Триколорите имаат играчи што настапуваат за реномирани европски клубови од калибарот на Рабиот од ПСЖ, Коман од Баерн Минхен, Лапорте од Атлетик Билбао, Менди од Марсеј…. Милевски вели дека Франција се уште е топ-фаворит во нашата група, но предавање нема.

„Лесни мечеви нема, бидејќи конкуренцијата во групата е страотна. Имаме два ривали од Британскиот Остров кои се фанатично борбени, тука е Украина, селекција која е во топ-10 во Европа, Исланд кој бележи голем фудбалски развој и светскиот првак од 2013 година Франција. Земја со огромен фудбалски рејтинг во светски рамки. Секоја чест за нив, ги почитуваме, но нема да ги прецениме. Имаат предност и во традицијата и со избор на голем број на играчи кои настапуваат во големи клубови, но квалитетот ќе треба да го потврдат на терен во 90 минути. Еве да се пошегуваме малку, јас би прифатил пораз од Франција, а да победиме на останатите 6 натпревари. Токму против нив ќе мора да потврдиме дека имаме победничка филозофија, дека не се плашиме од никого. Ќе играме без пардон иако се апсолутни фаворити. Тоа е размислување за европски врв, за европски успеси и верувам дека Македонија ќе покаже дека има фудбалска иднина и против екстраквалитетна селекција каква што е Франција“, додава Милевски.

 

Со насмевки на репрезентативните собири

Победите носат радост и огромна самодоверба, а младите македонски репрезентативци едвај чекаат да има нова акција, нов меч на Македонија во квалификациите. Начинот на кој ги победивме Украина и Северна Ирска го израдува секоја фудбалски симпатизер во Македонија. И конечно јасно е дека сакаме беспоштедна битка на теренот, да се даде се од себе, па макар и да се загуби. Со таа девиза на 15. ноември, Бабунски, Радески, Зајков, Мурати, Николов, Барди и останатите наши репрезентативци ќе стартуваат и против Франција. Триколорите се топ-фаворити во третата група со Македонија, Украина, Северна Ирска, Шкотска и Исланд. Првопласираната репрезентација ќе игра бараж и

„Можеби најголемата победа е тоа што гледаме насмевки на лицата на фудбалерите на секој ссбир на репрезентацијата. Се промени односот кон дресот со национални обележја, тимскиот дух е прекрасен и конечно почнуваме да си се цениме. Во нашата група имаше доста неочекувани резултати на стартот, а верувам дека Македонија ќе продолжи да креира уште изненадувања. Имам впечаток дека не потценуваат, не верувам дека од нас очекуваа вакви резултати, но немаме ништо против и двата тренда да продолжат. Франција останува прв фаворит, а сите останати селекции ќе бијат рамноправна битка за втората позиција“ заврши селекторот на младата репрезентација на Македонија.

Првото место носи автоматски пласман на ЕП во Полска 2017 година, а четирите најдобро второпласирани селекции од вкупно девет групи ќе играат бараж меѓусебе. Двете селекции кои ќе победат во баражите заедно со домаќинот Полска и деветте победници во групите ќе играат на завршниот турнир за титулата на ЕП.

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top