Поранешниот британски премиер Тони Блер за американската мрежа Си-ен-ен изјави дека му е жал поради „грешките“ направени во инвазијата предводена од САД врз Ирак во 2003 година, но не и за симнувањето од власт на ирачкиот диктатор Садам Хусен.
„Можам да кажам дека се извинувам за фактот дека разузнавачките податоци што ги имавме беа неточни, затоа што, иако (Хусеин) обемно користеше хемиско оружје против својот народ, не постоеше програма во обликот во кој ние бевме уверени дека постои“, изјави Блер.
„Тепко му е да се извинам за уривањето на Садам. Сметам дека дури и денес во 2015 ситуацијата е подобра отколку кога беше тој на власт“, кажа поранешниот британски премиер во интервјуто кое во целост ќе биде емитувано денес.
Садам Хусен беше автократски владетел на Ирак, кој ја одвлечка земјата во војни со соседните Иран и Кувајт и користеше хемиско оружје против бунтовничкото курдско малцинство.
САД и Велика Британија здружено влегоа во Ирак во 2003 година и го симнаа Хусеин од власта. Потегот, кој никогаш не доби одобрување од Обединетите нации, беше оправдуван со тврдења дека Ирак има тајна програма за произведување оружје за масовно уништување. Тврдењето подоцна се покажа како неточно, за што сега Блер се извинува.
Инвазијата предизвика цела декада секташки насилства, подем на различни радикални групи и губење на големи територии кои од минатата година се под контрола на Исламска држава. Над 4.000 американски и 179 британски војници загинаа, а поради корупцијата и негрижата залудно се потрошени милијарди долари за реконструкција.
„Се извинувам за грешките направени во планирањето, и, секако, грешките што ги направивме поради лошите одлуки откако беше тргнат режимот“, изјави Блер, додавајќи дека има „вистинити елементи“ во тврдењата дека подемот на ИСИС се должи на инвазијата од 2003 година.
„Нормално, не може да тврдиме дека уривањето на Садам во 2003 нема своја одговорност за ситуацијата во 2015. Но важно е да се сфати дека Арапската пролет, која почна во 2011, исто така имаше свој удел во денешната ситуација, и дека ИСИС својот подем го почна од Сирија, а не од Ирак“, кажа Блер.
Според него, западните сили имале три различни приоди во уривањето на режимите во Ирак, Сирија и Либија.
„Се обидовме со интервенција и копнени трупи во Ирак, потоа се обидовме со интервенција без копнени трупи во Либија, а се обидовме и без интеревенција но со поддржување промена на режимот во Сирија. Не се согласувам со тоа дека првиот обид беше неуспешен, а дека последователните беа поуспешни“, кажа Блер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.