Екипата на Металург в недела го игра натпреварот од шестото коло во Лигата на шампионите против Баја Маре во СЦ „Борис Трајковски“.
шампионите. По минатонеделниот минимален пораз на гостувањето во Романија (21-20), избраниците на Лино Червар во недела имаат шанса да му се реваншираат на романскиот противник и одново да се вратат во победнички ритам пред домашната публика.
Тренерот на Металург, Лино Червар е задоволен од играта на неговите избраници, и потенцираше дека двата несреќни порази во последните две кола се должат на неискуството на младите ракометари.
– Ете тоа е спортот. Кога ја почнавме Лигата на шампионите ќе бевме пресреќни ако освоевме бод. Да не се случеа овие два несреќни порази можевме да бидеме и на врвот на табелата. Од 16 играчи кај нас единаесет се речиси младинци и тоа е данок на искуството. Посебно ми е жал за тој прв меч со Скјерн каде можевме да освоиме бод. Неможам да ги критикувам бидејќи тие растат од натпревар во натпревар. Се трудам да им го внесам во глава тоа дека искуството се добива со годините. Покажаа квалитет нашите млади играчи, се бореа до крај, коментарите во Европа се позитивни. Единствено што малку ми пречи е тоа дека некои наши млади играчи мислат дека сега многу научиле и дека можат веднаш да бидеме еднакви со тие големи играчи што направија успех. Затоа инсистирам дека играчите мора да бидат скромни – изјави Лино Червар.
Тој за натпреварот в недела фаворитската улога ја препушта на романскиот шампион Баја Маре кој има одлични побединци и напредуваат како колектив.
– Баја Маре е поквалитетна екипа од нас. Сепак не треба однапред да се предадеме. Тие ќе бидат посилни за Афатулин кој важи за еден од најдобрите во составот, но Карачиќ одлично го замени во натпреварот во Романија. Главен играч е Татари поранешен репрезентативец на Унгарија, десното крило. Левиот бек Рамба ни правеше исто така многу проблеми. Виловски е добар на линијата, играат цврсто во одбраната. Треба добро психички да се подготвиме. Божовиќ ќе игра, но не е во најдобра здравствена состојба. Се надеваме дека ќе биде подобро наредните денови – истакна Червар.
Одбраната која го краси тимот на Металург во годините што изминаа, и оваа сезона е главен адут на тимот од Автокомада. Червар посакува таа да биде на подобро ниво од минатиот натпревар и секако да има што помалку грешки за да може резултатски да им се парира на Романците.
Натпреварот се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 17.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.