Solis и Ski Macedonia со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје утре во Кино „Фросина“ го претставуваат
„Reel Rock 10“ премиера во Скопје. Премиерата е закажана на 21 октомври, во 19 часот, а влезот е бесплатен.
Ова е втора година на претставување на традиционалната REEL ROCК филмска турнеја, со светски најдобрите и најгледани алпинистички филмови во Скопје. Минатата година за прв пат македонската публика имаше можност да го проследи деветтото продолжение на REEL ROCК, кое го донесе долго очекуваниот и наградуван документарен филм ‘Valley Uprising’ на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен. Јубилејното десетто издание на највозбудливата качувачка филмска турнеја и премиерата на овогодишното скопско REEL ROCК издание ќе се случи на 21 октомври во киното Фросина, овој пат со уште побогата локална програма и уште пет документарни филмови за најголемите случувања и достигнувања во глобалниот качувачки свет, што го прави REEL ROCK 10 вистинско место за посветените качувачи,и љубителите на карпите и високите снежни планини.
Основани во 2006 година од страна на Џош Ловел (Big UP Productions) и Питер Мортимер (Sender Films), REEL ROCК проекциите ги прикажуваат најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот и се духовни настани каде алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм. Дел од забавата на REEL ROCК настаните секогаш се и различните презентации, доделување на награди, присуството на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувања… чиј дел ќе го има и на овој настан, а локалната програма се состои од филмови и презентации за најголемите достигнувања на локалната качувачка сцена.
Десеттата по ред REEL ROCK филмска турнеја, започна на 17-ти септември во Болдер, Колорадо и ќе трае се до крајот на 2015 година, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Оваа година со јубилејното REEL ROCK 10, Скопје заедно со уште 450 градови низ светот, со поддршка од Амбасадата на САД, повторно ќе ја има несекојдневната можност да ја гледа премиерата на најновото издание на REEL ROCK и ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања, од најзначајните и најискусните качувачи како што се Дин Потер, Томи Колдвел, Алекс Хонолд, Џими Веб, Даниел Вудс и Кевин Јоргесон!
Минатогодишниот филм “Valley Uprising” во кој се претставија качувачките легенди на Јосемити Дин Потер, Алекс Хонолд, Лин Хил, Џим Бридвел, Ројал Робинс, Ворен Хардинг, Џон Бакар, Чонго Чак и многу други, беше еден од најголемите филмови произведени досега за овој култен американски качувачки локалитет, прикажувајќи ја неговата историја и качувачите на забавен и возбудлив начин, а коментарите и реакциите на публиката, воедно и дополнителните награди кои филмот ги доби, се едноставен доказ за тоа. Тој се здоби со главна награда на фестивалите Banff Mountain Film Festival, Kendal Mountain Film Festival, Ladek Mountain Film Festival, Torelló Mountain Film Festival, Danish Adventure Film Festival, Krakow Mountain Festival, Mendi Film Festival, да наброиме само неколку. Токму со овој влијателен филм и Скопје го започна своето патешествие во рамките на REEL ROCK турнејата, со што и нашиот град стана едно од качувачките жариштата, на исто ниво како и повеќе од 500 градови низ светот каде се случува оваа најзначајна качувачка прослава.
Програмата во Кино Фросина :
– Отворање и DJ сет
– Изложба на качувачки фотографии на Димитар Попов
– ‘PETZL Pad Party’ и ‘Petzl RocTrip 2014′ филмови за PETZL roc trip
– ‘Tрансферзала Македон’ презентација на ПК Македон
– ‘Алек, Кољо, Стрезо и Васил на Дуфоршпице’ филм
– ‘Анапурна мит или реалност’ презентација и видео на Здравко Дејановиќ
– Rock for Everybody’ презентација на Александар Кленов
– REEL ROCK 10
Оutdoor активности:
– Трансферзала МАКЕДОН, 17-18 октомври
– Реболт на насоки на качувачки локалитет Матка, 25 октомври
Листата на достигнувањата кои ќе бидат прикажани на REEL ROCК 10:
ЛИНИЈА ПРЕКУ НЕБОТО: пречењето на Фиц Рој ланецот е едно од најпосакуваните потфати во модерното качување. Тешка траверса преку седум назабени врвови, 4500m качување за кое никој не би рекол дека може да биде толку забавно. Томи Колдвел и Алекс Хонолд во мотивирачкиот и урнебесно смешен успон кој им донесе златен цепин;
ПОЧИТ КОН ДИН ПОТЕР: Дин Потер беше еден од најважните вертикални авантуристи на својата генерација. Беше неодвоив дел од REEL ROCK семејството од првата година и ѕвезда на филмовите како First Ascent, Fly or Die, Race For The Nose и Valley Uprising. Овој филм е последна посвета на овој голем човек и качувач;
ВИСОКО И МОЌНО: high ball болдеринг – кога падот може да предизвика сериозни повреди – не е за оние со слабо срце. Додајте го во равенката и качувањето на самата граница на качувачкото достугнување и работите можат да излезат од контрола. Ја следиме битката на Даниел Вудс да го совлада стравот и да качи еден high ball проект;
ПРЕСМЕТКА КАЈ ПЕКОЛНАТА ПОТКОВИЦА: 24 часа пекол кај потковицата (24HHH) е најлудото случување во светот на качувањето; мешавина на ултрамаратон и лудачка уметничка колонија каде врвните качувачи и потполните почетници се впуштаат во оргија од млечна киселина и пиво која трае 24 часа. Без обзир на зезањето, натпреварот е вистински: може ли тим од ликови како што се Ник Бери и Масон Еарл да се спротистават на семоќниот Алекс Хонолд?;
DAWN WALL EXCLUSIVE: прв поглед на качувањето на Томи Колдвел и Кевин Јоргесон на DAWN WALL. Ова качување е најголемото качувачко достигнување на генерацијата кој воедно го привлече вниманието на светската јавност. Додека се работи на долгометражен филм за следната година, REEL ROCK 10 ви прикажува исечок од драмата која се одигрува во детаљ од насоката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.