| четврток, 6 декември 2018 |

Марин ле Пен обвинета за поттикнување расна омраза

Претседателката на францускиот екстремно десничарски Национален фронт (ФН), Марин ле Пен денеска треба да се појави пред Основниот суд во Лион, каде ќе и се суди за поттикнување расна омраза, откако во 2010 година молитвите на муслиманите на улица ги спореди со „окупација“.

marin-le-pen

 

Како што јави дописникот на МИА од Париз, ова е прво појавување на Марин ле Пен пред суд за „поттикнување дискриминација, насилство или омраза кон една група на лица поради нивната припадност на една религија“.

Нејзиното судење доаѓа на само шест седмици пред регионалните избори во Франција, па се очекува Марин ле Пен да го претвори Судот во Лион во вистински предизборен настап. ­ Нема да пропуштам една таква можност, изјави таа.

Како тужители на Ле Пен се јавуваат Колективот против исламофобијата во Франција, Движењето против расизмот, Националната опсерваторија против исламофобијата, Францускиот совет на муслиманската вероисповест и Правната лига за одбрана на муслиманите.

На лидерката на екстремно десничарската партија, која се очекува да биде победник на идните регионални избори во Франција, и се забележува поради изјавата дадена во декември 2010 во Лион во врска со молитвите на муслиманите на улица. ­

– Жалам, но за оние кои сакаат да зборуваат многу за Втората светска војна, се работи за окупација, бидејќи станува збор за окупација на територија, изјави тогаш Ле Пен, пропратена со аплаузи од нејзините поддржувачи. ­

– Тоа е окупација на делови од територијата, на квартови во кои се применува религиозниот закон, тоа е окупација. Нема блинидрани возила, ниту војници, но тоа е окупација и тоа им тежи на жителите, додаде таа.

Нејзината изјава предизвика бурна реакција, по што Европскиот парламент на 2 јули 2013 донесе одлука да и го укине пратеничкиот имунитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top