- Европската унија ќе исчезне – рече француската претседателска кандидатка Марин ле Пен на митингот во неделата, ветувајќи дека ќе ја заштити Франција од глобализацијата во обид да ги распламти страстите на нејзините приврзаници во последните четири недели пред денот на гласањето.
Охрабрена од неочекуваниот избор на Доналд Трамп за претседател на САД и од одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, на митингот во Лил таа изјави дека француските избори ќе бидат следниот чекор во глобалниот бунт на народот, како што го нарече.
- Европската унија ќе умре затоа што луѓето не ја сакаат веќе… арогантните и хегемонистички империи се предодредени да пропаднат – рече лидерката на евроскептичната и антиимигрантска партија Национален фронт (НФ) по што следуваа гласни овации и аплауз.
- Дојде време да ги поразиме глобалистите – рече таа обвинувајќи ги нејзините главни ривали, центристичкиот Емануел Макрон и конзервативецот Франсоа Фијон, за „предавство“ на нивните проевропски, пропазарни политики.
Анкетите предвидуваат дека Ле Пен ќе помине добро во првиот круг од претседателските избори на 23 април, но дека ќе загуби од Макрон во вториот круг на мај 7.
Големиот број неопределени гласачи значи дека резултатот останува непредвидлив и мотивирањето на луѓето да гласаат ќе биде клучно за кандидатите.
Со незадоволството од ЕУ и од евровалутата се изразува позиција против естаблишментот, став што ги радува поддржувачите на НФ и привлекува гласачи на кои не им се допаѓа глобализацијата.
Но, исто така, тоа може да биде пречка за власта во земја каде што мнозинството се противи на враќањето на франкот.
Во текот на изминатите неколку месеци Ле Пен се обиде да се справи со тоа преку критикување на непопуларната ЕУ, кажувајќи им на гласачите дека нема веднаш да ја повлече Франција од блокот или од еврото, туку дека ќе одржи референдум по шест месеци од повторно преговарање за условите на Франција за членство во ЕУ.
Во неделата, додека го предвидуваше крајот на ЕУ, таа беше внимателна да каже дека ќе се обиде да ја замени со „друга Европа“, која ја нарече „Европа на граѓаните“, што ќе се базира на лабава соработка меѓу народите.
- Тоа мора да се направи на рационален, добро подготвен начин – изјави таа во интервју за весникот „Ле Паризиен“. Јас не сакам хаос. За време на преговорите сакам да спроведам…
- Еврото ќе биде последен чекор затоа што сакам да го почекаме исходот од изборите во Германија наесен пред повторно да се преговара.
Реагирајќи на коментарите на Ле Пен за смртта на ЕУ, францускиот амбасадор во САД, Жерар Аро, на „Твитер“ напиша: „Тоа ќе биде вистинското значење на француските избори: опстанок или распад на ЕУ. Квазиреферендум“.
Околу 72 проценти од француските гласачи сакаат да го задржат еврото, покажа анкетата на Францускиот институт за истражување на јавното мислење (ИФОП) објавена во весникот „Ле Фигаро“.
Но, за разлика од мнозинството гласачи, голем дел од гласачите на НФ поддржуваат излез од еврото, покажа анкетата.
- Убедена сум дека ЕУ секако ќе се распадне, па таа е во право да го предвиди тоа и да се подготви за разумен и организиран излез од еврото, пред да се упатиме кон поголема катастрофа од таа во која се наоѓаме сега – изјави по митингот 56-годишната Мари-Доминик Росињол, вработена во банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.