| четврток, 6 декември 2018 |

Маченик без покана, арихиепископ без верници

Јован Вранишковски на најлош начин научи колкава е неговата вредност како православен свештеник и што е најпроблематичното во неговиот обид да стане вистински верски лидер. Одлуката на Руската православна црква на промоцијата на својата „Православна енциклопедија“  да не го покани лидерот на неприфатената Српска егзархија во Македонија покажа во кој правец ќе се движи кариерата на Јован Вранишковски. Истиот српски епископ во Македонија, кој по излегување од затвор со фанфари беше дочекан во Москва, одеднаш е ставен на маргините од своите вчерашни домаќини

Моќната Руска православна црква, сигурно, нема да го заборави поранешниот владика на МПЦ – ОА Јован. Тој и понатаму, како свештеник на Српската православна црква ќе има формално почитување меѓу руските епископи и патријархот Кирил. Можеби повторно ќе биде повикан во Москва да ги посети тамошните манастири, да го слушне хорот на РПЦ, да се слика за својата веб-страница. Тоа што веќе де факто го нема е моќта да манипулира со својата сила како црковен фактор во Република Македонија. Како што на грчките и на српските црковни лидери одамна им стана јасно, така и на Руската православна црква сега ѝ станува кристално јасно дека Јован Вранишковски не е и не може да биде никаков фактор во македонскиот црковен живот. Во виртуелната православна екумена тој, можеби, ќе ја задржи својата виртуелна позиција, но по ударот од заедничката руска црковно-политичка гарнитура, тој никогаш веќе нема да може да се врати на своите стари позиции, кои и така беа многу нестабилни.

Има многу причините за тоа. Дилемите дали Јован, навистина, имал мерак за „зајмење“ пари од црквите под негово владение е една од нив, а тие се присутни и кај нашите соседи, но и во Москва. Но тие не се пресудни. Тоа што на Вранишковски му е главниот грев е неговиот неуспешен обид да го убеди светот дека е најправичен и немањето поддршка меѓу обичните луѓе. Тој, едноставно, не успеа да собере критична маса зад себе. Ако не се сметаат стотината свештеници од српската и од грчката црква, Јован не може да се пофали со повеќе од триесетина активни членови на неговата група во Македонија. Притоа, да не заборавиме, тој е егзарх на СПЦ, а во Македонија живеат околу 40.000 Срби, кои, сепак, во најголем број се решија да ги посетуваат верските објекти на МПЦ – ОА. Дури и да има повеќе приврзаници , нека се и сто, двесте души во неговото братство, тоа не е бројка со која може да ја смени црковната историја. Исто како што поглаварот на МПЦ – ОА, архиепископот Стефан, не добил покана за промоција затоа што има титула  господин господин туку само затоа што е лидер на црква што има стотици илјади верници зад себе.

Јован никогаш не разбра дека за обичниот македонски православен верник никогаш не било важно единството со православниот свет, туку националното единство во рамките на православната црква. Дека православната традицијата меѓу Македонците и сите православни во Македонија е многу поважна од односите меѓу МПЦ – ОА и Српската, Грчката или Руската православна црква. Тие што го лажеа дека може да стане вистински лидер на МПЦ сега треба да му објаснат дека неговото заврши и да му сугерираат да се повлече во мирот на некој манастир и да размисли за сѐ што правел овие 15 години, откако стана најомразениот свештеник во македонската историја.

Се разбира, не треба да се очекува тој да се покае и да признае дека грешел, особено не дека грешел пред својот народ затоа што тој живее во филмот дека е маченик со мисија да му помогне на истиот тој народ. И тука нема забелешка, треба да му се прости ако човек, особено свештеник како него, има свои идеали и ставови од кои нема да отстапи, особено откако помалку или повеќе виновен помина многу години в затвор. Тоа што нема да му биде простено е ако продолжи да работи против интересите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. А МПЦ – ОА не се триесетината црковни великодостоинственици и нивните најблиски соработници, туку верниците, монашките братства и сестринства, црковните одбори и сите тие што без никаков интерес искрено му помагаат на македонското православие. Ако Јован не го сфатил тоа, тогаш од неговата состојба не го спасуваат ниту десет покани за промоции на црковни книги или концерти на црковни хорови во најпознатите светски верски објекти.

Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 162. број на неделникот „Република“, 9.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top