| четврток, 6 декември 2018 |

Партиска дарба: Телекомуникацискиот талент на „некорумпираните“

И по 24 години една македонска партија со сите сили се обидува на сопствениот народ да му ја продаде приказната за сопствената државотворност и некорумпираност. Небаре, сè почнува и завршува со нив. Едно е очигледно, во светот на македонските телекомуникации, тоа е точно. Владејат со него. За него менувале и закони. Башка, истите се во лош обид за враќање со прислушувани телефонски разговори. Вторпат. Државотворци е застарено. Тие се телекомуникаџии...

„Слободарската“ и некорумпирана партија се соочи со процес кој остро и болно ја разголи ролјата на сопствената врхушка во садистичкиот поход на една компанија врз работничките права и слободи на територијата на цела една држава. Верувале или не, но една фирма, па макар била и телеком, успеала да смени цел закон за работни односи на една држава. За жал на многумина и за полни џебови на малкумина, таа држава да ти била Македонија. За среќа, пак, на и онака катастрофалната демографска слика во државата, малку фалело без никакви права да останат и родилките. Факт е дека и тогаш СДСМ имал прекрасна „Визија за Македонија“, остварена преку солена провизија од контроверзниот Кондаминас. Токму од тоа конто се контаминирала половина влада на СДСМ, ДУИ и ЛДП. Од судбината, велат, не се бега. Судбината наречена телекомуникации. Така е и со овие партии, особено со првоспоменатата, на која телекомуникациите ѝ одат и ѝ „лежат“ одлично. Не случајно, и десет години потоа, партијата се занимава со телекомуникации. Во 2002 година дојде на власт со мала помош на прислушуваните телефонски разговори од „Големото уво“ и поголема од кризата и конфликтот во 2001 година. Во 2005 година, очигледно одлично и солено, го наплаќа својот телекомуникациски талент од новите унгарски сопственици, менува закони, оддржува монополи и „дерење“ на сопствениот народ и е директен соиграч во отпуштањето на повеќе од 1.250 работници во компанијата, за да во 2015 година, повторно се занимава со телекомуникациски проекти на прислушувани разговори со звучно име на т.н. бомби. Ќе биде ли Атила Сендреи, сепак Хунски? Камшикот божји за уривање на легендите за чесност и некорумпираност во врвот на СДСМ? Особено кога единствено нешто што му го нудите на народот е враќање на „слободата и демократијата“, а сето тоа базирано на вашата некорумпираност и чесност. Тешко, кога истите тие солидно ги наплатиле работничките права на сопствениот народ…

analiza162-2

Тројца со црвена, за еден со сина крв

Од друга страна, не е вистина дека СДСМ не вработувал. Во 2005 година, за тројца отпуштени во телеком, вработиле по еден свој. Коментарите по социјалните мрежи се јасни: „Лошо се испазариле. Па еден сдсмовец вреди колку најмалку петмина обични смртници, нели?!“ Сепак, жално, но само еден со сина крв сменил тројца со црвена. За повеќе од 1.250 отпуштени во зделката која ги наполнила џебовите на врхушката, никому ништо.

Јавноста е во очекување да го слушне познатото „Некои прашања не заслужуваат одговор“, но овојпат на обвинителна клупа. А токму тој слоган, веројатно, и им даде ветер во едра на истите тие политичари-бизнисмени, кои поведени од „успехот“ во територијалната поделба на државата, се залетаа во нова, доходовна авантура. Па нели само два-три месеца претходно успешно го превеслаа истиот тој народ за албанизација на два доминантни македонски града. Зошто тогаш не би и за некаков си закон за работни односи, монополи и солидна провизија, подобра од онаа „едно евро кај Вицето“.

 

Tanja-Karakamiseva-analizaКаракамишева-Јовановска: Правото не смее да привилегира никого

Случајот „Маѓар телеком“ има сериозен капацитет силно да ја разбранува не само пошироката македонска јавност, туку очигледно и јавнообвинителската и судската фела во земјата, вели проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која, овој случај очигледно ќе се наметне како уште еден голем тест за РМ и ќе го стави на проба судството како независно, самостојно и непристрасно од актуелните политички случувања.

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција веќе има започнато постапка за одреден број лица, македонски државјани, за кои постои основано сомневање дека се вклучени во процесот на примање поткуп, соучесништво, како и помагање во посредување за митото од менаџерството на „Маѓар телеком“. Од друга страна, дадена е и конкретна изјава од обвинителството за „Дневник“ дека „во оваа фаза на постапката истрагата е насочена кон македонски државјани за кои постои сомнение дека примиле поткуп. Секој што сторил кривично дело, без оглед дали во истата или во друга постапка се јавува како сведок, во согласност со Законот, ќе биде обвинет“. Овие два момента практично значат дека, барем досега, македонското јавно обвинителство е на висината на задачата и дека го применува правото согласно со своите надлежности утврдени со закон.

Фактот дека постапката во јавното обвинителство е во тек, вели Каракамишева-Јовановска, упатува на заклучокот дека не постојат никакви законски пречки на сите досега повикани сведоци во постапката во Њујорк, а кои се македонски државјани, да им се отвори истражна постапка за преземените дејства кои по допрен глас ги истражува нашето јавно обвинителство.

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Она што фрла интересна светлина на целиот случај е како одбраната на нашите државјани кои се вмешани во него сакаат да го извртуваат и правно да го насочат дека, всушност, не постои вина кај ниту еден од споменатите македонски државјани, фокусирајќи се единствено на фактите според кои американската Комисија за хартии од вредност има право да ги гони само директорите на „Маѓар телеком“, кои потпишувале завршни сметки или кои доставувале извештаи до американската Kомисија, во кои биле вклучени и коруптивните договори и исплати, а не и други лица. Но, она што натаму се премолчува од страна на одбраната е дека, според постојните американски закони, македонските државјани не можат да бидат обвинети во постапка која се води во Њујорк, бидејќи постојат законски ограничувања за такво нешто.

Имено, посочува професорката од „Јустинијан Први“, согласно со актуелниот американски Закон за коруптивните дејства во странство, САД имаат право да гонат бизнисмени за корупција во целиот свет, доколку коруптивните дејства на каков било начин се поврзани со територијата на САД.

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Секое дополнително вмешување отстрана или попречување да се спроведе истрагата докрај од страна на македонските политички партии, посебно од СДСМ, кој има директен интерес да не се отвори и да нема постапка по случајот, треба да се отфрлат како недозволиви и да се третираат како кривично дело за кое исто така, согласно со Законот, е предвидена соодветна кривична одговорност. Основ за кривична одговорност ќе постои и во случај на преземена активност или дејство од кого било како обид за непризнавање на работата на судските и на јавнообвинителските органи во земјата, како што тоа во неколку наврати досега го направи г. Заев за случаите поведени против него. Правото во Република Македонија мора да важи за сите и за секого, не смее да привилегира никого, и не смее да амнестира никого од кривично-правна одговорност.

 

Sotir-Kostov-200Костов: Случајот „Маѓар телеком“ во Македонија е сосема поинаков од САД

Според истражителот и колумнист Сотир Костов, од досегашните докази во јавноста произлегува дека високи функционери на СДСМ, Владо Бучковски и Радмила Шекеринска, во период кога првиот бил премиер, а втората заменик-претседател во Владата, потпомогнати од вработени во нивните кабинети примиле поткуп за да не сторат нешто што биле должни да го сторат т.е. навремено да донесат одлука за влез на трет оператор за телекомуникации и со тоа да го разбијат монополот на постојниот оператор и други дејства. Ова се одвива, вели Костов, во многу подолг период на плаќање премноги скапи импулси и други услуги, од кои операторот добива енормно поголеми, но противправни добивки, а подоцна и дивиденда на грбот на недолжните граѓани.

КОСТОВ: Високи функционери на „Македонски телекомуникации“ во договор со Бучковски и со Шекеринска, воделе деловна кореспонденција со претпоставените во „Маѓар телеком“, преку која вршеле притисок да се исплатат конкретни висини на незаконски провизии, преку трети фирми во странство на сметка на наведените, и на директен начин со своето постапување придонеле да се остварат намерите на В.Б. и на Р.Ш. за да се земат провизиите. Тие, пак, веќе со конкретни дејства во Владата и во Собранието ги реализирале деловните политики кои се во интерес на „Маѓар телеком“, а на штета на РМ и на граѓаните.Членови на највисокиот менаџмент на „Маѓар телеком“ ( Атила Сендреи и уште двајца) го дале поткупот. Тоа го извеле преку трета фирма, фирмата на контроверзниот Кондаминас, а исплатата одела преку банки и фирми од Кипар.

Давањето и примањето на поткупот одело преку разузнавачки структури, оцени Костов, а своите противправни дејства ги извршиле со помош на неколку членови на Собранието во надлежните собраниски комисии, каде со смислено дејствување ја разводнувале работата во интерес на операторот, а на штета на граѓаните.

КОСТОВ: Бидејќи за сите напред наведени противправни дејства, кривични дела и нивните извршители, има конкретни факти, аргументи, докази и информации во Комисијата и судот во САД, треба на законски начин таа документација да биде прибавена, и врз неа да се гради целиот случај, а не врз изјавите на Слободан Богоевски, кој е еден од учесниците и кој се претставува дека бил само поврзувач (прашање дали е така) на инкриминираните страни. Во кривичното право многу поголема силина имаат материјалните докази и веродостојни документи од релевантни институции, отколку исказите на поединци, т.н. сведоци.

Сето ова, вели Костов, потврдува дека случајот „Маѓар телеком’’ во Македонија е сосема поинаков од случајот во САД. Таму се гони за сторители кои направиле загрозување на берзата во Њујорк (интересот на САД, спред нивното законодавство), а ние ќе користиме веродостојни информации од тој случај, кои ги потврдуваат сега за сега допрените гласови дека тој и тој го сториле тоа и тоа кривично дело, нанеле штета во РМ и сето тоа треба да се санкционира во нашата држава.

 

Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 162. број на неделникот „Република“, 9.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top