Во четврток, 15.10.2015 г. почина Првенецот на македонскиот балет, Марин Црвенов. Црвенов беше првенец и кореограф во балетот на Македонската опера и балет од 1961 година се до неговото пензионирање и шеф на балетот од 1977 до 1979 година. Ги има одиграно скоро сите главни улоги во балетските претстави од репертоарот на Македонската опера и балет. Меѓу позначајните од нив се: Ромео и Парис во „Ромео и Јулија“, Базил во „Дон Кихот“, Принц Алберт во „Жизел“, Ферхад во „Легенда за љубовта“, Лабин во „Лабин и Дојрана“, Гиреј во „Бахчисарајска фонтана“, Принц Зигфрид во „Лебедово езеро“, Жан де Бриен во „Рајмонда“, Баханал во „Валпургиска ноќ“ и многу други.
Бил кореограф на балетите „Снегулки“, „Адаџо“ од Албињони, „Тоа е човек“ и кореографирал во претстави од оперската и драмската сцена.
Марин Црвенов е добитник на Државната награда „11 Октомври“ и на наградата „Национален уметник“ на Македонија.
По повод смртта на Марин Црвенов, утре, 16 октомври, 2015 г. со почеток во 11 часот во Press Салонот на Македонската опера и балет ќе се одржи комеморација.
Посмртните останки на Марин Црвенов ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта „Бутел“ од 12 и 30 часот, а погребот ќе се изврши во 13 и 30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


