| четврток, 6 декември 2018 |

Трет обид трета среќа за европскиот трон

Македонскиот шампион ЖРК Вардар ја започнува новата сезона во Лигата на шампионите овој викенд против унгарскиот гигант Ѓер на домашен терен.
Оптимизмот кај играчите и стручниот штаб е на високо ниво и сите посакуваат по двете трети места во претходните години, оваа сезона да се атакува на самиот европски трон.
Задачата не е нималку лесна, бидејќи вардарки најпрвин треба да ја поминат првата групна фаза, а потоа со дополнителните разигрувања да дојдат до завршниот турнир во Будимпешта.

zrk vardar

– Амбициите на тимот остануваат како и секогаш, пласман во самиот европски врв. Се надевам дека ова ќе биде трета – среќа, да играме едно европско финале и да станеме шампионки на Европа. Кога како дебитантки стигнавме до фајналфор, не гледам зошто сезонава не би се закитиле со титулата. Екипата е подготвена, долго се подготвувавме за овој прв меч со Ѓер, хендикеп секогаш ќе биде недостигот на адекватни подготвителни натпревари, но се надевам дека средбите што ги одигравме летово беа од помош за стручниот штаб и за ракометарките – изјави Гордана Нацева.

Во пресрет на првиот дуел тренерот на екипата Индира Кастратовиќ е задоволна од долгите подготовки и неколкуте подготвителни натпревари, тоа што не беше случај со минатите сезони и најавува беспоштедна битка како во првиот натпревар така и во целото натпреварување.

– Посакуваме и ги повикуваме сите симпатизери да дојдат и да не подржат во дуелот со Ѓер. Сите сме желни да имаме атмосфера на домашен терен како и машката екипа. Противникот дополнително се засили пред почетокот на сезоната, а во составот се вратија и Гербиц и Аморим. Ѓер е во предност бидејќи веќе имаат натпреварувачки континуитет бидејќи играат во домашниот шампионат. Сепак нема да ги прецениме и ќе се залагаме во силна одбрана да дојдеме до лесни напади и реализација. Одбраната е таа што го добива натпреварот – потенцираше Кастратовиќ

Една од најдобрите ракометарки во составот и која настапувала во составот на Ѓер, Јованка Радичевиќ долго се мачеше со повреда во подготвителниот период, но сега тоа е се зад неа и се надева дека в сабота ќе биде забележана првата победа.

– Одработивме одлични подготовки. Одигравме и квалитетни пријателски натпревари и сите во тимот со нетрпение го очекуваме првиот натпревар и сакаме да покажеме дека сме едни од најсилните екипи во Европа – додаде Радичевиќ.

Натпреварот се игра в сабота со почеток од 20.15 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top