Општинската изборна комисија во Битола потврди дека изутрината во 7 часот се отворени сите 152 гласачки места. Според Единствениот избирачки список за битолската локална самоуправа право на глас имаат 81.373 жители.
Во вториот круг од изборите учествуваат кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талески и кандидатот за градоначалник од коалицијата „Сојуз за иднината“ предводена од СДСМ, Менде Диневски.
– Во текот на вчерашниот ден гласаа лица со проблеми во здравјето, а за кои претходно беше констатирано дека не се во можност лично денес да гласаат, како и лица што издржуваат казна затвор или притвор во битолскиот затвор. За вчерашното гласање беа пријавени 209 лица со здравствени проблеми и 44 лица затвореници во битолскиот затвор, потврди Зоран Насев, претседател на ОИК-Битола.
И во Куманово навреме се отворени сите 128 избирачки места, информираат од Општинската изборна комисија. Таму право на глас имаат 88.708 гласачи.
– Избирачкиот процес во првиот час од гласањето се одвива без никакви проблеми, изјави Виолета Арсовска, претседател на ОИК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


