Илина Поповска е дизајнерка на накит која неодамна ја промовираше својата нова колекција во која се забележува игра со бои, форми и тексутри, за разлика од нејзината досегашна работа каде што најчесто користеше филигранска техника со современ дизајн.
Современиот дизајн и понатаму преовладува во работата на Поповска, но сега во поинаква форма – изразен преку геометријата, јасните контури и интензивните бои кои преовалдуваат во оваа унисекс колекција со изразена артистичка нота.
Кога почнала да се занимава со изработка на накит Поповска прво работела накит од монистра, посребрена жица комбинирана со стакло или полудраги камења, а подоцна филигранот станал нејзина главна дејност. Работи со сребро и со дрво, иако овие два материјала се сосема различни за работа.
Нејзината претходна колекција „Сложувалка“ беше мошне успешна и ја имаше во две варијанти – филигранска сложувалка и сложувалка од ореово дрво.
– Првата сложувалка беше направена за роденденски подарок од тетка за внука и е направена во филигран. Инспирирана е од ликот на внуката. Подарокот беше полн погодок и јас добив многу позитивни критики. Подоцна разработив цела колекција која ја има во две варијанти – го раскажува парчето од „сложувалката“ Поповска.
Интересно е што иако го дизајнира, ретко го носи накитот на себе. – Ако носам, тоа се најчесто алки и тоа изработени од дрво – ја завршува својата приказна Поповска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.