Дали сето тоа закрвување, хистерија, кодошење, нè врати „на Трпе и на Трајче“?
Георгиевски: Трпеливоста беше пресудна. Не сакам да сум радикален, но некогаш мора да се биде таков. Нашата демократска револуција не се случи доволно ефикасно. По повод атентатот на Киро Глигоров, од тогашната ДБК рекоа дека се активирани сите 20 илјади активисти – читај кодоши – во истрагата. Во кампањата во 1994 година говоревме дека има 12 илјади кодоши во Македонија. Јас го говорев тоа со блага автоиронија, дека претерувам и со свест дека без политички да се претерува се паѓа на избори. А потоа самите си признаа дека има 20 илјади кодоши. Па пресметајте колку се 20 илјади кодоши на два милиона граѓани.
Кога бев амбасадор во Бугарија, додека бев таму, доживеав најмалку два неуспешни брана на лустрација. Новинарите пишуваа дека не е возможно во Бугарија да се спроведе лустрација бидејќи сите се кодоши. Ние тогаш се смеевме, но со едно чувство дека и кај нас имаше многу.
Како ја оценувате лустрацијата кај нас, ете заврши тој процес?
Георгиевски: Не, тој почна и заврши, но јуриздички. Не би знаел да кажам дали е добро што заврши. Политички е добро што се амортизира омразата, лошите спомени. За вакви земји како нашата секој потег за оладување на страстите е добар за разум. Во тој аспект е добро што се прекина. Но прашање е дали тој процес е прекинат де факто. Колку од нив останаа. Не може 200 или 300 луѓе да држат цел еден режим 40 години и повеќе. Не сум сигурен дека е добро, но, во принцип, е добро.
Но, пак ќе се отвори, тоа е рак-рана, мора да се очисти, но дури со смена на генерации. Што ќе правите со човек што има 70 години денес? Нема да биде на функција, и? Не можете ништо, можете само да се изживувате. За мене, водечка идеја е идејата на Исус, треба да се прости. И од тој аспект е добро што се прекина со лустрацијата. Тоа е еден вид премолчена амнестија. Акт на милост.
Правнички, па и политички гледано, пак, треба да се искорени. Бидејќи секој што ќе науми да ни наштети ќе тропне на нивна врата, па и по 101 година да имаат. Во првата моја политичка книга, во 1990 година, „Политичката иднина на Македонија“, напишав и се цитирав годинава: „Ако сакате да ја уништите Македонија, за таа задача одберете Македонец“.
Но, убавото нешто во сите овие настани, во Пржино и во целата криза, е тоа што овој пат Македонецот затаи како кодош. Тоа е парадоксално и тоа е прекрасно. Му проработи душата и рече – не!
Целото интервју со Љубиша Георгиевски е објавено на 9 октомври во Неделник Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.