Ова се седумте клучни факти од гласањето во Каталонија:
1.
Гласање за отцепување од Шпанија
Каталонците направија јасен избор во своите регионални избори. Со историска излезеност на изборите, што дури им снемало и гласачки ливчиња, 77,4 проценти од гласачите го дале својот глас. Тоа е рекорд во демократска Шпанија по власта на Франциско Франко.
Сепаратистичката коалиција „Заедно за Да“ – (Junts Pel Si) – освои 39,6 проценти од гласовите, а со тоа и 62 места во регионалниот каталонски парламент. Заедно со левичарската „Кандидатура за народно единство“ (која освои 10 пратенички места) тие можат да формираат влада со апсолутно мнозинство од 72 места (во 135- члениот регионален парламент), но не и во бројот на гласови (48,1 проценти). Тоа е исто така огромна стратешка победа за претседателот Артур Мас, кој сега може да пристапи кон независност на Каталонија со малку простор за компромис: На крајот на краиштата, независностa e и камен-темелникот на неговиот манифест. Нов автономен статус во Шпанија нема да биде доволно.
2.
Патоказот за експресно отцепување вели (најмногу) „уште 18 месеци“
Тоа е она што Мас и неговата коалиција за отцепување го утврдија како краен рок за независноста на Каталонија. Веднаш потоа, тие ќе почнат да го пишуваат каталонскиот устав – „најславните страници во каталонската историја“, ветија кандидатите на „Заедно за Да“, славејќи ја својата победа. „Тоа беше јасен референдум“, додаде Мас, гордиот победник. Еуфоријата настрана, потребна е медијација бидејќи Барселона и Мадрид немаат заеднички именител. Швајцарските пратеници предложија неутрална Швајцарија да ја одигра посредничката улога. Брисел и другите земји-членки на ЕУ ќе мора да ја стават независноста на Каталонија на дневен ред.
3.
Убедлив и горчлив пораз за Мадрид
Тоа е голем удар за Шпанија, а, пред сè, за премиерот Маријано Рахој и за неговата Народна партија (Partido Popular), кои освоија само единаесет места во каталонскиот парламент. Како што покажуваат резултатите, нивната стратегија на ширење страв од последиците на отцепување меѓу каталонските граѓани не успеа. На Мадрид му снемуваат опции и сега треба да дозволи да се одржи формален референдум во Каталонија, оставајќи им на Каталонците сами да одлучуваат за прашањето. Отцепувањето можеби и нема да биде крајниот резултат, како што е случајот со Шкотска. Сепак, решението е преговори и вистински дијалог, а не популизам и тврдоглавост. Но, кога и од кого? Рахој, се чини, е дисквалификуван во очите на каталонската јавност; и тој може да биде заменет веднаш по општите избори во Шпанија во декември.
4.
Европската унија формално е обврзана да ја исклучи Каталонија
Бидејќи не постои патоказ на ЕУ за осамостојувањето на регионите во рамките на нејзините земји-членки, отцепувањето на Каталонија автоматски ќе ја исклучи новата нација од Европската унија и од еврото. Сепак, гледајќи во економската сила на Каталонија, како и нејзиното демократско и проевропско општество, веројатно е дека ниту Брисел, ниту пак повеќето од земјите-членки на ЕУ, ќе сакаат да ја казнат Каталонската Република. Ќе постои енергичен притисок за компромис, како и креативни решенија. Што се однесува до националноста, уставот на Шпанија нагласува дека граѓаните „кои живеат во странство“ може да ги задржат своите шпански пасоши. Така, веројатно е дека граѓаните на Каталонската Република дури и без членство во ЕУ, сѐ уште ќе го задржат своето државјанство во Европската унија.
5.
Сопствената лига на Барселона
Што ќе се случи со фудбалската лига во Шпанија? Дали фудбалските обожаватели ќе се досадуваат во претстојните сезони со целосно доминантната Барса во каталонската лига? Уште поважно, Барселона ќе изгуби голем дел од приходите од правата на емитување на шпанската Ла Лига, како што посочи и претседателот на шпанскиот спортски совет, Мигел Карденал. Претседателството и играчите на Барса, кои, главно, се залагаат за независност, сепак, би сакале да останат да играат во Ла Лигата. Можеби е можен компромис – и посакуван, исто така, за доброто на навивачите на Барса, како и на фудбалските обожаватели ширум светот.
6.
Правните опции против каталонското отцепување се неколку
Ако Мадрид се спротивстави на каталонските избори или на претседателот Мас преку Уставниот суд, тоа нема да биде плодна стратегија. Но, Рахој ги смени националните закони за безбедност само неколку недели пред каталонските избори, овозможувајќи централна владина интервенција во регионалната политика. Мадрид има „нуклеарна“ опција за тргање на регионалните претседатели од функцијата. Другата опција би било „трет начин“: реформа на шпанската држава во федерална нација со огромни автономни региони, со еднакви права и обврски за сите региони – а не како сега, каде што Баскијците и Каталонците уживаат поголема автономија од другите.
7.
Новите политички сили се тука за да останат
Либералната Граѓанска партија – партија на граѓаните (Ciudadanos), со 18 проценти од гласовите, освои 25 пратенички места. Во 2012 година тие беа девет. Тие завршија на второто место, со најубедлива кампања за единство со Шпанија. Но постојните партии на левицата и на десницата – социјалистите и Народната партија – се соочуваат со сериозни загуби во поддршката од гласачите и довербата. Прошпанските каталонски социјалисти (ПСК) успеаја да одбегнат колапс со 16 места, што е намалување од 20 места во 2012 година. Но, не и народната партија на Рахој, што е само лижење на своите рани со 11 места, што е намалување за 19 места. Иднината не изгледа многу надежна за Рахој и за неговата партија. Мошне е тешко да се победи на шпанските општи избори без да се постигне барем пристоен резултат во Каталонија.
Извор: „Политико“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.