| четврток, 6 декември 2018 |

Нов мега-план на Јапонија за подобро утре

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе најави нов план за пораст на стопанството, со цел БДП да се зголеми на 5.000 милијарди долари од сегашните 4.600 милијарди.

Абе дојде на чело на Владата во 2012 година со ветување дека ќе ѝ стави крај на дефлацијата и ќе го поттикне порастот преку голема јавна потрошувачка, олабавувење на монетарната политика и длабоки реформи, за поголема продуктивност на стопанството и зголемена конкуренција.

За сега „абеномиката“ не ги оствари своите три цели, иако акциите и профитите на јапонските компании скокнаа.

– Утре сигурно ќе биде подобро од денес – рече Абе на конференција за новинарите.

Абе, кој неодамна повторно беше избран за лидер на владејачката Либерално-демократска партија, вети дека ќе се фокусира на економијата, бидејќи е усвоен спорниот закон за одбрана, кој ѝ овозможува на јапонската војска да учествува во борби и кога земјата не е директно нападната.

Тој рече дека трите нови цели на неговиот економски план е силно стопанство, поддршка на родителите и обезбедување социјални услуги за намалување на товарот за чување на деца и грижа за старите луѓе и сиромашните семејства. Јапонија, исто така, сака и да го намали огромниот јавен долг, иако е нејасно како Абе ќе го постигне тоа, со оглед на трите главни цели.

Јапонското стопанство, кое лани е проценето на околу 4.600 милијарди долари, во второто тримесечје се намали за 1,2 отсто на годишно ниво, а економистите предупредуваат дека успорувањето на кинеската економија и превирањата на берзите можат да го ослабат очекуваниот пораст во претстојните месеци.

Јапонското стопанство во изминатите пет години имаше просечен пораст од 1,7 отсто, што е половина помалку од 3,5 отсто кои се потребни за да се достигне БДП од 5.000 милијарди долари до 2021 година.

Независниот јапонски центар за економски истражувања предвидува дека оваа година порастот ќе биде 0,9 отсто, следната 1,5 отсто, но дека во 2017 година поради зголемување на ДДВ порастот ќе биде помал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top