| четврток, 6 декември 2018 |

Слична шема како со Бучковски и Шекеринска – Маѓар Телеком ја плаќал и сестрата на Мило Ѓукановиќ?

reg-Kolarevic
Документите од аферата Телеком, достапни пред судот во Њујорк, покажуваат дека праксата на Маѓар Телеком да потплатува политичари за да ги реализира своите цели не се случувала само во Македонија во периодот на владеењето на СДСМ, ДУИ и ЛДП. Како што унгарската телеком компанија во сопственост на Дојче Телеком во 2005 година ја потплатувала Владата на Бучкоски и Шекеринска за да спречи појава на конкурентски компании на македонскиот пазар, на сличен начин го потплатувала и црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ.
Спорот кој американската Комисија за хартии од вредност го водеше против Маѓар Телеком и Дојче Телеком оригинално се однесуваше како на Македонија така и на Црна Гора и надоместот од 95 милиони евра кој овие две компании им го платија на американските власти ги покрива двете држави. И во вториот судски процес во Њујорк, кој се уште активно се води во судот во Њујорк против тројцата менаџери на Маѓар Телеком, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, исто така тие беа обвинети за потплатување на политичарите од тогашната власт како во Македонија така и во Црна Гора. Но, на почетокот 2014 година американската Комисија за хартии од вредност, која го води спорот, реши да се откаже од обвиненијата поврзани со Црна Гора и да се фокусира само на случајот со Македонија.
Milo-Djukanovic-visits-Serbia
Поради тоа, црногорската јавност се уште чека да го види обемниот доказен материјал што ФБИ го собрал, а кој се однесува за нивните политичари. За разлика од македонските граѓани, кои ја имаат можноста да читаат во детали како Маѓар Телеком, преку посредници на грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас, ја корумпирал Владата на Бучковски и Шекеринска, црногорската јавност може само да го насетува карактерот на аферата поврзана со Телеком Црне Горе (ТЦГ). Но, судот сепак ги има објавено имињата на шесте Црногорци повикани како сведоци од одбраната на Штрауб, Балог и Морваи, и црногорската јавност може да види дека меѓу нив е адвокатката Ана Коларевиќ, сестра на премиерот Мило Ѓукановиќ. Во документот, со кој одбраната бара од судот да им наложи на црногорските власти да го обезбедат сведоштвото на Коларевиќ и другите петмина директори во ТЦГ и адвокати, се наведени и неколку стотици прашања, од кои може да се насети карактерот на корупцискиот скандал, кој во многу наликува на скандалот што ги зафати СДСМ и ДУИ.
Crna Gora svedocite
Маѓар Телеком го купил црногорскиот Телеком во јануари 2005 година од Владата за 114 милиони евра, со понуда од дополнителни 51 милион евра за откуп на акции од помалите акционери – вработените, граѓаните, разни компании, кои поседувале околу 49 проценти од акциите. Во рамките на оваа трансакција, Маѓар Телеком купил вкупно 76,5 проценти од ТЦГ – сите 51 процент во сопственост на државата и приближно половина од акциите кои ги држеле помалите акционери. Унгарската компанија дополнително се обврзала да инвестира околу 67 милиони евра во капитални инвестиции и развојот на инфраструктурата на мобилниот оператор Монет и на компанијата во целина. Ова е едно од спорните прашања покренати од црногорските медиуми, бидејќи инвестициите не дошле во вид на вложувања на унгарската компанија, туку биле извршени од профитот остварен од ТЦГ и Монет.
Коларевиќ е повикана како сведок заедно со својот бизнис партнер во нејзината адвокатска канцеларија Никола Мартиновиќ. Повикани се и Павле Ѓуровиќ, поранешен директор на правното одделение на ТЦГ, Миодраг Ивановиќ, поранешен директор на мобилниот оператор Монет и поранешните главни директори на ТЦГ Олег Обрадовиќ и Милан Перовиќ.
Crna Gora SEC obvinenija
Според обвиненијата од американската Комисија за хартии од вредност, црногорскиот Телеком склучил договори со четири компании, Актива, Фиеста, Сигма и Ралеи, регистрирани на оф-шор локации, за наводни, лажни консултантски услуги. Исто како што во случајот со Македонија, Македонски Телекомуникации склучувале договори со компанијата Чаптекс на грчкиот бизнисмен Контоминас, за божемни консултантски услуги, а всушност знаејќи дека Контоминас парите ќе им ги предаде на политичарите од врвот на коалицијата СДСМ – ДУИ. Во случајот со Црна Гора, договорите потпишани со овие четири компании претставувале мито исплатено за Владата на Мило Ѓукановиќ, преку неговата сестра, а со цел да се издејствуваат разни поволности за Телеком Црне Горе, вклучувајќи го одложувањето на влезот на конкурентски компании на пазарот и полесно отпуштање на вишокот вработени кои ТЦГ ги имала преостанати од времето кога била во целосна државна сопственост.
Ана Коларевиќ, сестрата на Мило Ѓукановиќ, е поранешен судија во црногорскиот Врховен суд. Како адвокат, таа застапувала голем број странски компании кои инвестирале во Црна Гора, и според американските обвиненија, се претпоставува дека ангажирањето на нејзината адвокатска компанија служело како неформален поткуп на црногорските власти за инвестирање во земјата. Коларевиќ го застапувала Хеленик Петролеум кој го откупил синџирот бензински пумпи Југопетрол, како и канадскиот милијардер Питер Манк кој го откупи бродоградилиштето и воената база Арсенал во Тиват и таму изгради туристички центар.
Конкретно во случајот со црногорскиот Телеком, според прашањата поставени до неа, се открива дека адвокатската канцеларија на Коларевиќ имала склучено договор со Телеком Црне Горе индиректно, преку компанијата Сигма, за консултантски услуги за преструктуирање на ТЦГ, вклучително и за отпуштање на вишокот вработени.
Crna Gora prasanja Kolarevic
Според прашањата, Коларевиќ, како сестра на Мило Ѓукановиќ, сакала да сокрие дека е директно ангажирана од страна на црногорскиот Телеком и поради тоа договорот за нејзин ангажман одел индиректно, преку фантомската компанија Сигма.
Crna Gora prasanja Kolarevic Sigma
 „Дали вие предложивте да бидат ангажирани адвокатите Никола Мартиновиќ и Ана Коларевиќ? Ако не, кој ви ги препорача? Какви вештини поседуваа овие двајца адвокати? Каква беше нивната репутација како адвокати? Дали е точно дека побарале 651.000 евра за надомест? Дали успеавте да го намалите овој износ и како?”, гласат дел од прашањата упатени до Олег Обрадовиќ, поранешниот директор на Телеком Црне Горе, за договорот што оваа компанија го потпишала со адвокатската канцеларија на сестрата на Мило Ѓукановиќ.
 Crna Gora prasanja Kolarevic dali vi e Milo brat
На крајот, фантомската компанија Сигма наплатила 580.000 евра од Телеком Црне Горе, пари за кои се претпоставува дека завршиле директно во џебот на црногорските власти. Преку договорите со другите три компании, Актива, Фиеста и Ралеи, исто така биле испумпувани пари од ТЦГ. Само на компаијата Ралеи и биле исплатени над 2,3 милиони евра, повторно за консултантски услуги кои се претпоставува дека никогаш не биле извршени, а парите всушност биле наменети за поткуп. Црногорската опозиција изминативе месеци попусто бара од американските власти да им дадат целосен увид во документите поврзани со оваа корупциска афера, која ги потресе како Македонија така и Црна Гора. Но, поради одлуката на американската Комисијаза хартии од вредност да се откаже од гонењето на Мило Ѓукановиќ, и да се фокусираат на истражувањето на корупцискиот скандал на СДСМ и ДУИ, засега црногорскта јавност може само да шпекулира за деталите на скандалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top