| четврток, 6 декември 2018 |

Понудени на продажба пет детски одморалишта

Право на учество на огласот имаат сите домашни и странски физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост на недвижни предмети на територија на Република Македонија и кои ќе ја достават комплетната документација согласно со условите објавени на огласот со што и практично се стекнуваат со право на учество во постапката на електронското јавно наддавање преку која ќе биде и извршен изборот на најповолната понуда.

Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, објавата за продажба на овие објекти е одлична можност за постојните субјекти во туристичко-угостителскиот сектор кои планираат проширување на својата дејност преку дополнителни инвестиции или пак за нови субјекти кои би започнале дејност во туристичко-угостителската дејност.

-Сите овие места во минатото поради својата местоположба и своето опкружување претставувале значајни туристички капацитети, така што со определена инвестиција од страна на приватниот сектор повторно би можеле да станат профитабилни места за остварување  профит на самите компании, коишто потенцијално би ги стопанисувале во идниот период, но се разбира, ќе има значаен придонес и за локалниот економски развој и за отворање на нови работни места- вели Ѓорѓиев.

Тој додава дека постапката ќе биде транспарентна, отворена, врз основа на јавна електронска аукција и сите оние субјекти коишто имаат идеја и намера да инвестираат во ширење на туристичкиот бизнис се повеќе од добредојдени да конкурираат .

За овој вид објекти идните сопственици дополнително можат да ги искористат и поволностите кои им стојат на располагање во сегментот на инвестициите преку програмата ИПАРД, каде им се кофинансираат половина од прифатливите трошоци за уредување на просторот како и поволностите за вработување на лица кои ги нудиме преку активните мерки за вработување. Севкупно гледано, станува одлична можност за инвестиции и за развој во туристичко-угостителскиот сектор и за таа цел ги повикуваме сите заинтересирани страни најдоцна до 30.10.2015 г. да се пријават на огласот.

Во рамки на објавениот оглас детално се наведени сите потребни информации за потребната документација, начинот на постапката и информации за секое одморалиште подделно:

– „Малешево“ – Берово е со вкупна површина од 4.001 квадратни метри и со почетна цена за електронското јавно наддавање од 45.129.864 денари

– „Ѓуриште“ – Свети Николе е со вкупна површина од 1060 квадратни метри и почетна цена за електронското јавно наддавање од 4.468.959  денари

– „Николиќ“ – Дојран е со вкупна површина од 6.082 квадратни метри и почетна цена за електронското јавно наддавање од 20.680.875,60 денари

– ,„Пелистер“ – Битола е со вкупна површина од 5.469 квадратни метри и почетна цена за електронското јавно наддавање од 48.646.684,50 денари

– „Суви Лаки“– Струмица е со вкупна површина од 3.446 квадратни метри и почетна цена за електронското јавно наддавање од 14.508.105,00 денари.

Реализацијата на продажбата преку електронско јавно наддавање обезбедува максимална транспарентност и јавност во целокупниот процес на продажба и за таа цел се повикуваат сите заинтересирани физички и правни субјекти да го разгледаат огласот што е објавен на 30.09.2015 г. во весниците „Дневник“, „Вечер“ и „Коха“ и објавен на web: www.mtsp.gov.mk, и доколку имаат потреба од дополнителни консултации да се обратат во Министерството за труд и социјална политика- Комисија за недвижни и движни ствари 02 3 106 476 и 02 3106 449.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top