Македонскиот шампион МЗТ Скопје во третото коло од новата сезона во АБА лигата патуува во Белград на дуел со најтрофејниот клуб во ова натпреварување, Партизан.
Иако во новата сезона улогите се сменети, Партизан секогаш ќе биде фаворит за победата во Пионир, иако има финансиски проблеми и неможе да обезбеди квалитетни кошаркари. Партизан е закован на дното од табелата со два порази, а МЗТ има половичен успех со еден пораз и една победа, тренерот на „металците“ Алеш Пипан предупредува дека Партизан е име кое мора да се респектира.
– Ни претстои мини-турнеја во Србија, каде ќе играме две тешки средби во рок од три дена. Задоволен сум од начинот на кој игравме со Металац, се надевам дека ќе ја повториме, а зошто да не и да ја подобриме одбраната од тој натпревар. Без оглед на ростерот на противникот, Партизан е Партизан и очекувам тежок дуел. Ако одиграме онака како што се имаме договорено, пред се цврсто и агресивно во одбраната, можеме да се надеваме на успех – истакна тренерот Алеш Пипан.
Младиот центар и член на македонската репрезентација, Љубомир Младеновски кој годинава се очекува да добие поголема минутажа за да го докаже големиот потенцијал, посакува победа против Партизан, но пред се напоменува дека мора да се одигра максимално ангажирано во текот на целиот натпревар.
– Патуваме за Белград со позитивна атмосфера и со надеж дека би можеле да го оствариме првиот триумф на гостински терен сезонава. Иако нивниот тим е подмладен, знаеме дека секогаш е тешко да се победи Партизан, особено на нивни терен, и дека ќе мораме да одиграме максимално пожртвувано – истакна Младеновски.
Натпреварот се игра вечерва со почеток од 21 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.