Од 8 до 12 октомври во скопското кино „Синеплекс“ ќе се одржи првото издание на фестивалот „Вардар филм прикажува македонски филмски класици“ на кој ќе се прикажат пет филма кои од 1959 до 1991 година беа создавани под логото на „Вардар филм“ и беа наградени со релевантни признанија. Проекциите ќе бидат од 19 часот, а цената на билетите е популарна и ќе изнесува 100 денари.
На Фестивалот ќе бидат прикажани македонските класици „Хај-фај“ во режија на Владимир Блажевски (снимен 1987) на 8 октомври; „следниот ден е „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); на 10 октомври е „Среќна Нова ’49“ во режија на Столе Попов (1986); на 11 октовмри „Планината на гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) а фестивалот завршува на 12 октомври со „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991).
– Организирањето на овој Фестивал со македонски филмски класици ќе биде убава можност да презентираме дел од историјата на филмот на овие простори, но истовремено преку оваа манифестација ќе ги демонстрираме и нашите заложби за негување на филмската култура и на сето она што изминатите децении произлезе од најстарата продуцентска куќа во нашата земја. Филмскиот центар „Вардар филм“ поседува права за прикажување и дистрибуција на голем број филмови снимени во период од повеќе од четири децении – изјави Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конфренција на која беше најавен Фестивалот.
Според неа, за поздравување е фактот што директорот на „Филмскиот центар Вардар филм“, Димо Попов, склучи неколку договори за дистрибуција и прикажување на македонските филмови на телевизиските канали во земјите од регионот.
– Во Програмата на Министерството за култура се наоѓа и проектот за реконструкција и санација на објектот што го користи „Вардар филм“, со што сметам дека значително ќе се подобрат условите за работа на установата. Избрана е фирма која е почната со работа со однос на проектирање на целокупниот проект за реновирање и реконструкција на објектот. Ќе се обноват 570 квадратни метри кои ќе се приспособат со современи простории кои се неопходни при продукција на филм, а во рамки на реконструкцијата ќе биде изведено и реновирањето на тонското студио за постпродукција на звук – рече Канческа Милевска
„Вардар филм“ изминатиот период го збогати својот фундус со многу вредни и значајни реквизити и костими од неколку завршени филмски проекти, како и со повеќе од 300 парчиња костими кои претставуват отсликување на одреден период од македонската кинематографија.
– Дел од овој фундус, кој има посебна историска вреднос,т наскоро ќе биде дел од музејската поставка која ќе ја поставиме во Кинотеката на Македонија во која ќе биде претставен значаен дел од богатата филмска историја на нашата земја. Поставката ќе биде завршена следната година и ќе биде промовирана во рамки на јубилејот кој го има Кинотеката на Македонија - 40 години од постоењето на оваа наша институција – додаде министерката Канческа Милевска.
Новата установа „Вардар филм Македонија“ постои речиси две години и е наследник на името „Вардар филм“. Во период од речиси пет децении во организација и продукција на оваа установа биле снимени сите позначајни македонски дела, без разлика дали се тоа анимирани, документарни или играни филмови.
Попов истакна дека склучиле договори за прикажување на филмовите од „Вардар филм“ во земјите од регионот, ги поставиле на платформата на еден од поголемите оператори и ќе бидат достапни на нивната платформа.
– Со оваа кратка ревија на овие пет играни филма ќе претставиме само еден мал дел од богатото творештво на „Вардар филм“. Се охрабривме од тоа дека имаме публика за овие филмови. Извештаите од операторите од регионот покажуваат дека овие филмови имаат добар рејтинг. Како филмски работник уверен сум дека тие во себе содржат одредено ниво на емоција и историски и продукциски квалитет. Ова е некаков вид тест, проба, да видиме дали тие филмови би имале гледаност и во Македонија. Имаме мал проблем со посетеноста на кино-салите во Македонија и се надевам дека тоа се менува во позитивна насока – изјави Попов.
Тој објасни дека основната активност на„Вардар филм Македонија“ е да обезбедува техничка поддршка на филмските продукции во Македонија.
– Во изминатиов период на различен начин им помогнавме на десетина филмски продукции, им обезбедивме простор, реквизити и опрема. Причината за постоењето на оваа установа би ја дефинирал како намалување на трошоците при филмска продукција во Македонија и сѐ што е во насока на снимање поевтини, односно поисплатливи продукции и обезбедување квалитетни технички услуги. Мене ми беше најважно да создадеме установа која ќе си го најде своето место во филмската продукција во Македонија – изјави Попов.
Претставникот на „Синеплекс“, Кети Кочкова, рече дека отсекогаш постоел интерес за македонските класици на репертоарот на ова кино.
– Ова ѝ беше потребно на македонската публика. Љубителите на класиците ќе можат на оваа ревија да ги погледнат најзначаните македонски филмови. Се надевам дека ова ќе стане традиција – изјави Кочкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.