Американските сопственици на Ливерпул се решија да му врачат отказ на менаџерот Брендон Роџерс по разочарувачките резултати кои ги имаат „црвените“ оваа сезона.
Чашата се прели откако Ливерпул во денешниот дерби дуел со градскиот ривал Евертон не успеа да победи одигрувајќи само 1-1. За отказот на Роџерс се шпекулираше веќе подолго време, а неговото заминување од „Енфилд“ се случува непосредно по градското дерби со Евертон, но и пред двонеделната пауза во Премиер-лигата поради репрезентативните настапи.
– Сакаме да му се заблагодариме на Брендан Роџерс за значајниот придонес за функцуонирањето на нашиот клуб во изминатиот период. Не се сомневаме дека тој ќе има долга и успешна кариера во овој спорт, одлуката за разделба не беше лесна, но моравме да реагираме за да создадеме можности за тимот да бележи позитивни резултати – се вели во соопштението на раководството на Ливерпул.
Се очекува „црвените“ во најскоро време да именуваат нов стратег, а досега најгласно се шпекулираше со името на доскорешниот тренер на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп.
Досега управата преговараше со агентот на Клоп кој е спремен да ја прекине паузата по напуштањето на клупата на Борусија Дортмунд во мај. Се очекува во следните неколку дена лично сопствениците на Ливерпул да отпатуваат во Германија и да го договорат трансферот на новиот менаџер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.