Тренерот на РК Вардар Раул Гонзалес ги предупредува своите играчи дека Кристијанштад е сериозна екипа и дека гостувањето во Шведска не е ни малку лесно. Шведскиот првак важеше за аутсајдер во групата, но убедливата победа над Колдинг, надополнета со минималниот пораз во Барселона, се јасни знаци дека оваа екипа воопшто не е наивна.
Кристијанштад учествуваше на турнирот во Скопје организиран од Вардар и тогаш во финалето македонскиот првак без проблеми го надигра денешниот противник.
– Игравме со нив на подготвителниот турнир во Скопје, но тоа е нешто сосема поинаку, тренерите им даваат шанса на сите играчи, семафорот не е во преден план. Тогаш целта беше да се игра добро, да се подобри формата пред ЛШ, Кристијанштад дефинитивно го искористи за да ја крене формата, најдобра потврда за тоа е убедливата победа над Колдинг. Ќе мораме да одиграме најдобро што знаеме за да дојдеме до победата. Мотив повеќе ни е ремито меѓу Левен и Кјелце, што би значело дека со победа би се искачиле на првото место на табелата. Тоа би било одлично. Сепак, мора да се биде искрен и да се каже дека играме на гости и тоа секогаш е многу потешко отколку дома. Мора да ја подобриме играта во напад, да бидеме подобри отколку со ПИК Сегед – изјави тренерот на „вардарци“ за официјалната веб-страница на клубот.
„Црвено-црните“ во првите две кола славеа над Монпелје и над Пик Сегед, а следниот викенд ги очекува дуел на домашен терен против Некар Левен.
Натпреварот се игра денеска со почеток од 16.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.